Стави запирка, пиши Бугари

Марин Гавриловски

Или донесете ги уставните измени, кои самите по себе, доколку покрај Бугарите, ги вклучат и Евреите, Хрватите и Црногорците, воопшто не задираат во нашиот јазичен и историски идентитет, и продолжете со преговарање за влез во ЕУ, или прифатете дека нема двотретинско мнозинство за уставни измени и распуштете се, па некоја нова влада и парламент нека го решаваат ова прашање.

Пимплањето помеѓу лидерите и раководствата на најголемите политички партии продолжува, додека Македонија, по којзнае кој пат, повторно се наоѓа пред „историски“ крстопат. По триесет години независност, граѓаните по малку отрпнаа после толку голем број историски моменти, па додавањето на Бугарите во Уставот, кој патем е веќе осум пати менуван, не се гледа како некој пресуден момент од кој би зависела иднината на државата.

Последното испитување на јавното мнение покажува дека граѓаните многу повеќе се загрижени за економската криза и за други егзистенцијални прашања отколку дали нешто повеќе од трите илјади Бугари ќе бидат дел од народите наведени во Уставот, кои живеат на територијата на државава.
Но, битно или небитно, пресудно или не, внесувањето на Бугарите во Уставот, како што се приближува рокот продолжување на преговорите со ЕУ по потенцијалните уставни измени, станува прашање околу кое претставниците на власта и на опозицијата веќе преговараат. Во манир на маалски фраери тие си ја додаваат топката во натпреварот „на мали голчиња“ надмудрувајќи се еден со друг и сметајќи дека ѝ се интересни на јавноста, додека нивната партиска публика аплаудира на изјавите на лидерите од типот – „леле, види овој што му направи, брише патос со него“.

Останатиот дел од граѓанството е зафатен со животот од ден за ден – на пример, како да се преживеат секојдневните поскапувања со никакви или со скромни примања или пак со подготовки на документи кои им се потребни за иселување од државава; општеството со нетрпение чека да дојде ноември, едните за да се реши горечкото политичко прашање (позитивно или негативно, сеедно), а другите да ги добијат иселеничките визи и новата година да ја прослават во новата татковина.

Предлозите што Ковачевски, Мицкоски и Османи (во име на Ахмети) ги дадоа со цел за решавање на овој проблем аналитичарите ги оценуваат со коментари во распон од конструктивни до разговор на глув со нем. Она што може да се заклучи по оваа рунда разговори е дека очигледен е притисокот (сè уште во ракавици) врз ВМРО-ДПМНЕ (од страна на меѓународната заедница) да игра конструктивно, па така можеше да се протолкува и изјавата на Мицкоски за условено, начелно прифаќање на промената на Уставот.

Од друга страна, пак, Ковачевски, кој го генерираше и го прифати притисокот кон Владата со безусловно прифаќање на францускиот предлог, без притоа да има обезбедено доволно мнозинство за промена на Уставот, се обидува целата ситуација да ја сврти на својата воденица, па предлага влада на национален спас. Поголемиот дел од граѓаните на ова би рекле, ве молиме, доста ни е од спасувачи во изминативе триесет години. Тоа ќе биде Тројански коњ за Мицкоски, доколку наивно прифати да ја релативизира одговорноста која ја презедоа владејачките партии кога на претставниците на ЕУ им ветуваа дека ќе ги вметнат Бугарите во Уставот. Тогаш, додека се сликаа во Брисел, Ковачевски, Османи и Маричиќ, не го викнаа и Мицкоски за да демонстрираат национално единство, а сега одеднаш – „спасувај нè брат“, па уште одозгора ќе му дадат и пет министерски места.

Можете само да замислите колку непродуктивна ќе биде таа влада на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и колку таа би ја закочила и така закочената економска ситуација во државава и би предизвикала уште поголема криза. Единствено нешто што таа би помрднала е веќе одамна намалениот рејтинг на владејачката СДСМ кој од слободен пад би дошол во фаза на стагнација или, во најдобар случај, во благ раст (кој секако нема за помалку од една година да го достигне рејтингот на опозицијата).
Тоа Ковачевски сака шеретски да го изигра, па иако навидум демонстрира отвореност за влез на ВМРО-ДПМНЕ во владата како израз на национално единство, од друга страна сака да ја релативизира одговорноста за состојбите во државава играјќи на картата на многу слабото памтење на просечниот гласач.

Мицкоски, како и обично, носи лоши одлуки, инаку до сега ќе беше премиер, па Ковачевски, како што самиот изјавил, веќе ќе ја користеше иселеничката виза за САД, со која се пофалил по враќањето од релативно успешната посета на нашиот најголем стратешки партнер. Доколку Мицкоски ја прифати понудата за влез во владата, тоа би значело продолжување на агонијата поврзана со внесувањето на Бугарите во Уставот бидејќи малку е веројатно дека ЕУ и Бугарија би прифатиле уставните измени да почнат да се применуваат откако ќе завршат пристапните преговори на Македонија за полноправно членство во ЕУ и ќе почне ратификацијата на спогодбата во националните парламенти на земјите членки.
Недипломатскиот превод на изјавата што новата бугарска министерка за надворешни работи Габриел би ја дала до нашите политичари, кога некој од нашиве официјално би го дал предлогот за одложено важење на уставните измени, би била: „к’сно е чедо, резето падна“. Не знам дали некој им кажал на дипломатските „експерти“ во ДПМНЕ дека сериозна држава еднаш прифатена обврска треба да си ја спроведе и нема повторно враќање на работите назад и реотворање на веќе договореното со штетниот по нас француски предлог.

И затоа, ве молам, поштедете не од вашите драмолетки и патос – или стегнете ги забите и донесете ги уставните измени, кои патем, самите по себе, доколку покрај Бугарите, ги вклучат и Евреите, Хрватите и Црногорците, воопшто не задираат во прашањата поврзани со нашиот јазичен и историски идентитет, и продолжете понатаму со преговарање за влез во ЕУ или прифатете дека нема двотретинско мнозинство за уставни измени и распуштете се, па некоја нова влада и парламент нека го решаваат ова прашање. Само немојте повеќе да нè замарате со вашите лажни големини, наводни желби за национално единство и со лажна грижа за граѓаните кога единствената желба ви е да останете, овој пат здружени покрај „теглата со медот“ и сега со три лажички од неа да сркате сè додека овој напатен народ ви ги полни џебовите.
А за самите уставни измени не моравте да формирате комисија, која патем, повеќе време помина носејќи деловник за својата работа, отколку да ги усогласи и да ги предложи уставните измени, туку можевте многу поедноставно, по бошњачкиот народ, во Уставот да ставите запирка и да ги додадете бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ и еврејскиот народ и да ја завршите работата.

(Авторот е адвокат)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот