
Српската економија не напредува колку што се очекуваше, Западен Балкан е во парадокс
Западен Балкан во 2025 година бележи послаб раст поради инфлацијата и глобалната неизвесност, иако платите и кредитите растат, според проценката на Светската банка.
Економскиот раст на Србија, според проекциите, ќе изнесува 2,8 отсто во 2025 година, објави Светската банка. Како што е наведено, растот е забавен главно поради понискиот прилив на странски директни инвестиции (СДИ) и неизвесноста на светските пазари, пренесе „Н1“.
Препорачано
По добрите резултати во 2024 година, економијата на Србија во 2025 забави поради помали приватни инвестиции и послаб прилив на странски директни вложувања, во услови на глобална неизвесност.
Земјоделството и градежништвото се во пад
Во првата половина од 2025 растот изнесува околу 2 отсто, што е последица на пад во градежништвото и на послабо земјоделство поради климатски шокови.
Буџетскиот дефицит остана многу низок – само 0,2 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), а јавниот долг падна на 45 отсто од БДП. Сепак, дефицитот на тековната сметка се зголеми на 2,3 отсто од БДП, бидејќи увозот растеше побрзо од извозот, а дознаките од странство беа помали.
На пазарот на труд, невработеноста падна на 8,8 отсто, а вработеноста достигна рекордни 51,6 отсто.
Светската банка предупредува дека Србија постигнала добри макроекономски резултати, но мора да го забрза растот. За да излезе од „замката на средниот доход“, земјата треба да се насочи кон економија базирана на иновации, продуктивност и поголеми инвестиции со додадена вредност. Тоа вклучува привлекување „гринфилд“ инвестиции, повеќе вложувања во истражување и развој и подобрување на образованието и вештините.
Се очекува Србија во следните години да има раст од 3–4 отсто годишно. Но, ризици постојат – можно е државата да мора финансиски да поддржи проблематични државни компании, побарувачката за извоз може да ослабне поради глобалната неизвесност, а екстремни временски услови можат да го погодат земјоделството и инфраструктурата.
Инфлацијата се очекува да се стабилизира до 2027 година, а одржливиот раст заедно со подобро насочена социјална помош се клучни за намалување на сиромаштијата.
Државните давачки за струја во Србија го достигнаа нивото на Западна Европа
Парадокс: во некои сектори нема доволно работници, а невработеноста е висока
Западен Балкан во 2025 година бележи послаб раст (околу 3 отсто) поради инфлацијата и глобалната неизвесност, иако платите и кредитите растат. Според прогнозите, растот ќе достигне 3,1 отсто во 2026 година и 3,6 отсто во 2027 година.
Регионoт мора да создава повеќе квалитетни работни места за да се приближи до стандардот на ЕУ. На пазарот на труд има парадокс: во некои сектори нема доволно работници, но невработеноста сè уште е висока (над 10 отсто), а учеството на работната сила е ниско, особено кај жени, млади и постари лица.
Поради демографските трендови, работоспособното население се намалува и до 2050 година може да се намали за речиси 20 отсто. Ако ништо не се смени, регионот може да остане без над 190.000 работници во следните пет години.
Светската банка препорачува вложувања во инфраструктура, образование и здравство, дигитални и „зелени“ технологии, како и реформи во државните претпријатија. Поголема конкуренција, поддршка за стартапи и подобра јавна администрација треба да овозможат побрз развој. Активирањето на приватниот капитал е клучно за дополнителни инвестиции и модернизација на економијата.
Зголемени проекции на Светска банка: Годинава раст од 3,1 отсто на македонската економија