Средба Петровска-Бомгартнер: Преговорите со ЕУ треба да почнат што е можно поскоро

Средба Петровска-Бомгартнер/ Фото МИА

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска имаше средба со францускиот амбасадор во Северна Македонија, Сирил Бомгартнер. Заклучокот од средбата е дека и двете држави имаат блиска и плодна соработка во одбраната, а на оваа соработка и претстојат и нови и интересни перспективи во иднина зашто и двете земји се исклучително посветени на тоа, информираат од прес-службата на МО.

Од Министерството велат дека Петровска говорела за заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата, при што посочила дека Северна Македонија дава свој придонес во оваа сфера. Имајќи предвид дека Франција е претседавач со Европската Унија првата половина од годинава, министерката ја истакнала потребата за брз почеток на преговорите за членство во Унијата.

– Северна Македонија направи исклучително голем прогрес и потребно е Унијата да го направи следниот чекор кој ќе биде силна мотивација за уште поголем развој. Земјава ги почитува и поддржува европските политики и нашето место е во Европската Унија. Последните неколку години направивме многу, реформите се видливи и затоа заслужуваме да го започнеме пристапниот процес, истакнала Петровска.

Бомгартнер порачал дека Франција целосно ја поддржува Северна Македонија на патот кон Унијата и оти пристапните преговори треба да почнат што е можно поскоро.

Соработката помеѓу двете земји и двете армии, велат од МО, може да се види и преку заедничките обуки и заедничкото учество во воени вежби. На претстојната најголема воена вежба досега организирана во земјава „Swift Response 22″ ќе учествуваат и француски војници.

Двете држави активно соработуваат и во доменот на јазичната обука и школувањето на припадници на Армијата на Република Северна Македонија на највисоките воени школи во Франција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот