„Србија никогаш не била со непријателите на Русија“: Патријархот Кирил служеше со архиереи на СПЦ во Москва

Фото: Јутјуб/принтскрин

Рускиот патријарх Кирил денеска од богослужба во Москва порачал дека е „неопходно да се зачува единството на српската и руската црква, кое се заснова на единството на духовниот живот, светците и историјата“.

Како што пренесе „Н1“, поглаварот на Руската православна црква (РПЦ) рекол дека српската црква е најблиска до неа по културата, духовната традиција и по „посветеноста на единството на православните Словени“.

„Србија никогаш не била на страната на непријателите на Русија, тоа е историски факт. И сега, бидејќи сте во центарот на Европа, се наоѓате во тешка ситуација“, изјавил патријархот Кирил.

Тој служеше литургија во Патријаршиската катедрала на Успението во московскиот Кремљ, во сослужение на архиереи на Српската православна црква (СПЦ), меѓу кои и Митрополитот Црногорско-приморски Јоаникие.

Патријархот Кирил ги поздравил претставниците на СПЦ и рекол дека се среќни затоа што заедно со нив на литургијата учествуваат митрополитот Јоаникие и епископот Пакрачко-словенски Јован.

Митрополитот Јоаникие рекол дека архиепископите, свештенството и целиот српски народ „се молат за патријархот Кирил и за цела Света Русија“, соопшти прес-службата на Патријархот Московски и на цела Русија.

Архиепископите на СПЦ пристигнаа во Москва на покана на патријархот Кирил, за да учествуваат на Меѓународниот руско-српски фестивал „Српска утеха на руското срце“ на Православниот хуманитарен универзитет „Свети Тихон“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот