Срамота!

Разрешувањето на двајцата в.д. директори на Фондот и отповикувањето на одлуката за набавка на 45 возила по пат на оперативен лизинг се единствените нормални и здраворазумни одлуки што треба да се донесат доколку навистина се сака да се сочува угледот на Владата и на институциите.

Две одлуки и еден настан добија незаслужено мал одек во јавноста, барем не од оние што требаше повеќе да се позанимаваат со овие прашања, како што, првенствено, се претставниците на граѓанскиот сектор, невладините организации и медиумите.

Владата донесе одлука за потребите на премиерот, министрите и за посета на странски делегации, по пат на оперативен лизинг, да набави 45 нови возила. Ова е втора ваква набавка (претходната била во 2018 година) откако на власт е Владата предводена од СДСМ. Тоа значи дека овие возила нема да бидат купени и потоа да останат во сопственост на Владата, односно на Службата за општи и заеднички работи, туку тие ќе бидат на некој начин изнајмени, а за тоа од буџетот ќе се издвојуваат средства на месечно ниво.

 

Разрешување на директорите

 

Ако се имаат предвид искуствата од 2018 година, на месечно ниво за изнајмување на овие возила ќе се плаќа сума од околу илјада евра по возило, што значи дека за периодот од 36 месеци, колку што би важел договорот за оперативен лизинг, за секое возило би се одвоиле приближно онолку средства колку што тие возила вредат доколку би се купиле, со таа разлика што по завршувањето, корисникот на оперативниот лизинг ќе мора возилата да му ги врати на сопственикот. Ставот на Владата е дека на овој начин Буџетот би бил помалку оптоварен отколку во случај возилата да се купат.

Оваа логика не ја следеа директорите на Фондот за здравствено осигурување, С. К. (37) и Ф. А. (34), и двајцата в.д. (вршители на должноста), кои за 82.600 евра склучиле договор за набавка на две луксузни моторни возила од марката „Форд“, модел „мондео титаниум“. Не е тешко да се пресмета дека во екот на пандемијата, кога опремата на здравствените работници им се обезбедува со донации на приватните компании и граѓаните, а Владата сѐ уште не успеа да обезбеди средства за уште од март ветеното петпроцентно зголемување на платите во здравството, цената на едно возило изнесува неверојатни 41.300 евра. Целата оваа ситуација станува уште поневеројатна ако се види официјалниот ценовник за возилата од оваа марка и модел, кој се движи во опсегот од 31.800 до 39.100 евра. Се поставува прашањето, каде е разликата во цената од онаа наведена во ценовниот, до онаа постигната во договорот?

Се поставуваат и уште многу други прашања, како, на пример, што се толку специјални нашите директори и министри, па не можат да се возат во возила поевтини од 40.000 евра или постари од три години? Не можат ли тие да го следат примерот на директорите на Државниот архив, Емил Крстески, и на Државниот завод за индустриска сопственост, Горан Герасимовски, на кои ништо не им недостасува што со велосипеди одат на своите работни места?

Еве конечно можност и потпретседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата Љупчо Николовски, да најде причина за да го оправда егзистирањето на неговата функција и да преземе дејствија во согласност со Кодексот за етичко однесување на функционерите од извршната власт, според кој функционерите се лично одговорни за своите постапки и одлуки и треба да избегнуваат секаков вид неетичко однесување со кое би му наштетиле на угледот на Владата и институциите кои ги раководат. Разрешувањето на двајцата в.д. директори на Фондот и отповикувањето на одлуката за набавка на 45 возила по пат на оперативен лизинг се единствените нормални и здраворазумни одлуки што треба да се донесат, доколку навистина се сака да се сочува угледот на Владата и институциите.

 

Не се ни различни

 

Третиот настан, кој, за жал, ја одбележа минатата седмица, беше згаснувањето на еден млад живот. Премногу изгубени битки за едно деветнаесетгодишно момче. Младиот Тони Сали почина, а не стигна да биде запишан ниту во матичната книга на родени. Во бирократските лавиринти на оваа нефункционална држава не успеа да најде решение за неговиот основен проблем, да биде запишан во матичната книга на родени и да добие матичен број. Овој проблем потоа го генерираше секој нареден, па бидејќи Тони немаше ниту матичен лекар ниту здравствено осигурување, не се знае ниту причината за неговата смрт. За жал, државата падна на основниот испит, па наместо да биде сервис на граѓаните, таа станува нивен џелат.

Револтира оваа неспособност и негрижа на институциите и на државата, а најмногу револтира рамнодушноста и апатијата во која секој ден се повеќе запаѓа нашето општество. Целата оваа ситуација ме потсеќа на времето во кое „ние немаме за леб, а трошиме за чоколадо“ и трагичната судбина на Мартин Нешковски, време против кое се боревме и се надевавме дека никогаш повеќе нема да се врати. За жал, мислам дека целата оваа дискусија, веќе се сведува на тоа дали е чашата допола празна или допола полна.  Нека ми простат оние што сметаат дека „не се сите исти“, тоа е точно, не се сите исти, но не се сите ни различни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот