Спорното наследство на Наполеон Бонапарта

Во Франција, Наполеон е национален херој, заслужен за воспоставување на граѓанските права. Но, неговата улога во повторното воведување на ропството предизвика дебата за неговото наследство – 200 години по неговата смрт

Како дел од двестeгодишнината од смртта на Наполеон, парискиот културен центар Гран Хал де ла Вије е домаќин на голема изложба посветена на Наполеон Бонапарта, која ќе биде отворена веднаш штом ќе бидат укинати рестриктивните мерки поради ковид-19 и ќе се одржува до 19 септември 2021 година.

Среде 150 експонати кои ја отелотворуваат блескавата империјална величина на поранешниот француски император – „личност која е истовремено и фасцинантна и контроверзна“, како што вели рекламата за настанот – еден дел од изложбата се фокусира на потемната страна од неговото наследство. Во него се прикажани оригиналните копии на законите потпишани од Наполеон во 1802 година, со кои се поништува укинувањето на ропството, што било прогласено осум години претходно, по Француската револуција. Тоа ја направи Франција единствена земја која го врати ропството по неговото укинување.

„Кога станува збор за Наполеон, повеќето луѓе помислуваат на големата империја, на многуте победи на Франција за време на војните во таа ера. Оваа слава во врска со Наполеон засенува сè друго што тој го сторил“, вели за „Дојче веле“ Доминик Тафан, директорка на Фондацијата за сеќавање на ропството. Фондацијата беше одговорна за тој дел од изложбата. „Одлучивме дека е потребно да се подигне свеста на пошироката публика за овој мрачен дел од неговите дела“, додава Тафан.

Голем криминал или минорна приказна?

„Одлуката за обновување на ропството не е само дамка врз наследството на Наполеон, тоа е и криминал“, вели Луј-Жорж Тин, активист и почесен претседател на Претставничкиот совет на здруженијата на црнците (CRAN). Одлуката на Наполеон во 1802 година повторно да го воспостави ропството не само што ги предаде идеалите на Француската револуција, туку и осуди околу 300.000 луѓе на ропство уште неколку години, пред Франција дефинитивно да го укине ропството во 1848 година.

Тин, кој потекнува од Мартиник, поранешна колонија, а сега прекуморска француска територија, вели дека овие аспекти од политиката на Наполеон треба повеќе да се учат во Франција. „Како некој чии предци живееле во ропство, не можам да разберам зошто продолжуваме да го славиме сеќавањето на Наполеон, како ништо вакво да не се случило“, вели тој.

Но, сите не се согласуваат со тоа. Историчарот и експерт за Наполеон, Пeтер Хикс од париската фондација „Наполеон“, вели дека тој бил комплексна личност која владеела со Европа низ периоди на „хипернасилство“ и не може да се редуцира само на неговите колонијални позиции.

Робови, шеќерна трска и кафе

Од гледна точка на поранешните колонии, важноста на ропството што повторно го воведе Наполеон е сè друго освен маргинално. Кон крајот на 1780-тите, Франција беше голема колонијална сила, чии територии ги опслужуваа околу 800.000 робови. Нејзината најпрофитабилна колонија била Сан-Доминик (сега Хаити) на Карибите. Околу 450.000 робови работеле таму на плантажи што извезувале шеќер и кафе во Франција.

Според историските извештаи, системот бил насилен и стапката на смртноста кај поробените била толку висока, што морало да се донесат дополнителни робови од Африка.

„Наполеон сакал да ја прошири француската колонијална империја за да ги контролира Карибите. За да ја колонизира огромната земја Луизијана во Северна Америка, му биле потребни работници, па затоа повторно ја стартувал трговијата со робови. Тоа била колонијална стратегија“, објаснува Доминик Тафан од Фондацијата во сеќавање на ропството. „А за тоа му била потребна  целосна контрола врз Сан-Доминик, бидејќи бил од централно значење за таа географска област“.

Хаити плати висока цена

Во револуцијата на Хаити, робовите од Сан-Доминик започнаа востание против француското колонијално владеење во 1791 година, од кое гувернерот Тусан Лувертур произлезе како водач на револуцијата. Востанието првично ја наведе Франција да го укине ропството низ целото нејзино царство во 1794 година.

На почетокот на 19 век, за повторно да го воспостави колонијалниот поредок, Наполеон испрати војска да го собори Лувертур од власт. Лувертур беше депортиран во Франција – но неговите револуционерни соборци во 1803 година конечно ја поразија војската на Наполеон. Следната година револуционерите ја основаа независната и слободна држава Хаити, првата република во светот основана од поранешни робови, која го забрани ропството и трговијата со робови.

„Поразот на Наполеон од Сан-Доминик е малку позната приказна. Тој ја изгуби вредната колонија и ја продаде Луизијана на САД“, објаснува Доминик Тафан. Сепак, ропството остана во сила во Гвајана, Гвадалупе, Мартиник и островот Реунион, сѐ додека Французите конечно не го укинаа во 1848 година.

Висока цена плати и Хаити. Во 1825 година, Франција на Хаити, под закана за војна, му изрече казна од 150 милиони франци (сегашниот еквивалент е околу 17,5 милијарди евра), со кои поранешните сопственици на робови требаше да бидат обесштетени. Хаити ја плати оваа отштета многу подоцна – во 1947 година. До денес земјата економски страда поради тоа.

Запоставено во училишните книги

Малкумина во Франција се свесни за оваа приказна. Фредерик Режент, историчар на универзитетот Сорбона во Париз, гледа неколку причини за тоа. Од крајот на 19 век, колонијализмот беше или фален или запоставен во училишните книги – долго време темата се сметаше за безначајна за националната историја бидејќи се одвиваше далеку од границите на Франција.

Темата за ропството и колонијализмот на Франција беше „покриена“ со укинувањето во 1848 година. По Втората светска војна, кога Европа се концентрираше на обнова, Наполен беше претставен како обединувачка фигура. „Од 1950-тите до 1990-тите фокусот беше ставен на Наполеон и неговите освојувања во Европа. Тој беше претставен како градител на Европа и републиканска фигура. Колонијалниот аспект беше главно игнориран“, вели Режент.

Но, работите се променија. Од крајот на 90-тите години на минатиот век, во Франција има демонстрации, закони и промени во училишната програма за да се постигне подобро вклученост на темата во историјата на земјата.

Обврска кон потомците на поробените

Минатата година, по убиството на Џорџ Флојд во САД, во цела Франција избувнаа протести под слоганот „Црните животи се важни“. Имаше и барања од пред  Француското национално собрание во Париз да се отстрани статуата на Жан-Батист Колбер, човекот кој стои зад декретот „Код Ноар“, со кој беа дефинирани условите за ропството во француските колонии.

Поранешниот француски премиер Жан-Марк Ајро, сега претседател на Фондацијата за сеќавање на ропството, изјави дека 200-годишнината од смртта на Наполеон е можност за соочување со долгото колонијално минато на Франција.

„Повторното воведување на ропството е заборавен и мрачен дел од нашата историја – и ние треба да ја објасниме целата оваа комплексна приказна, не само дел од неа“, вели Ајро. „Тоа е исто така наша должност кон потомците на оние кои мораа да живеат во ропство по неговото повторно воспоставување. Една држава може да стане посилна само ако го знае и разбира своето минато“, верува Ајро.

Преземено од „Дојче веле“ 

[sc name=”dw” ]

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот