
Според „Тајм аут“: Ова се најевтините градови во Европа, првите три места се на Балканот!
Со оглед на сè почестите поплаки за високите цени при патувања низ Европа, магазинот „Тајм аут“ состави листа на европски градови кои вреди да се посетат во 2025 година, особено ако патувате со ограничен буџет.
Препорачано
„Многу од градовите што порано важеше дека се евтини, веќе не се. Популарните дестинации во Грција, Шпанија, Италија и други земји се соочуваат со прекумерен туризам, а цените стануваат слични насекаде. Но, ако оваа година ви е буџетот стеснет, не очајувајте – сè уште постојат места каде што може да отпатувате без да банкротирате“, се вели во воведот на статијата.

„Најдобриот дел? Овие места се со помалку туристи и помалку метеж, а летовите до таму често се и многу поевтини. Секако, поимот ‘евтин град’ е релативен – зависи од тоа од каде патувате, кога патувате и какви навики имате. Во нашата листа на евтини европски дестинации има сè – од главни градови до потценети мали бисери“, додава „Тајм аут“.

На првото место се најде албанскиот главен град, Тирана. „Тајм аут“ пишува дека албанското крајбрежје во последниве години забележало пораст на интерес, бидејќи е поевтина алтернатива на скапите дестинации како Грција. Главниот град на Албанија изобилува со историја од комунистичкиот период, интересни музеи, живописни мурали, како и одлични ресторани и барови. Наведена е и просечната цена за сместување: 46 евра по лице за едно ноќевање.

Најевтините 10 градови во Европа според „Тајм аут“:
1. Тирана, Албанија
2. Софија, Бугарија
3. Загреб, Хрватска
4. Каунас, Литванија
5. Рига, Летонија
6. Сараево, Босна и Херцеговина
7. Краков, Полска
8. Букурешт, Романија
9. Кингстон на Хал, Обединето Кралство
10. Чешки Крумлов, Чешка