Спасов: Декларација за провокација – уште една алатка на ВМРО-ДПМНЕ за плашење на народот

Професорот и поранешен амбасадор и министер, Ѓорѓи Спасов, реагира по денешните случувања околу Декларацијата за Гоце Делчев поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, која беше одбиена во Собранието. Спасов ја обвинува опозициската партија дека Декларацијата е само уште еден инструмент за продлабочување на поделбите и за плашење на граѓаните.

„Декларацијата за Гоце е само еден од инструментите за заплашување на народот, не за обединување туку за продлабочување на сомневањата, поделбите на патриоти и предавници, на големи Македонци и на оние другите, на чесните и корумпираните. И сето тоа се прави во овој случај преку затворање на очите за се што е направено во сите изминати 70 години за почитување и одбележување на ликот и делото на Гоце Делчев“, пишува во објава на социјалните мрежи професорот Ѓорѓи Спасов.

Неговиот пост доаѓа како реакција, откако партиски членови на ВМРО ДПМНЕ денешното отфрлање на Декларацијата во Парламентот го нарекоа „знак оти СДСМ подготвува ново национално предавство во врска со идентитетот, како што го направил тоа со Преспанскиот договор и со референдумот“.

„Новиот идеолог на ВМРО ДПМНЕ Сашо Клековски пак, вели дека таа Декларација е всушност само еден вид програма за одбележување на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и со неа се бара само да биде издадена поштенска марка со ликот на Гоце Делчев и се предлага Академијата на науките, со политичка препорака, да одржи научен собир на кој ќе се расправа за ликот и делото на Делчев“, пишува Спасов

.

Тој додава дека многу поедноставно за ВМРО ДПМНЕ би било да достават предлог до Комисијата за култура во Собранието во рамките на програмата за одбележување на значајни датуми од македонската историја да бидат внесени и некои идеи за одбележување на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

„Целата идеологија на ВМРО ДПМНЕ е содржана во постапки низ кои ги обвинува другите за национални предавства, во ширење на стравот дека сите други освен ВМРО ДПМНЕ го загрозуваат македонскиот национален идентитет, сите други се подготвени на нови отстапки, сите други имаат скриени намери и агенди да ја уништат Македонија. Партијата на Мицковски само со таа реторика и се одржува во политичкиот живот“, пиша професорот додавајќи дека нацоналистичка логика со која опозициската партија игра со патриотските чувства на граѓаните и ги злоупотребува за свои политички цели и дневен профит, е веќе добро препознатлива.

„Всушност ги видовме нивните возвишени цели и почитувањето на ликот и делото на Гоце Делчев кога платија над еден милион евра за неговиот споменик пред мостот на Вардар за кој се испостави дека можел да биде изграден и само за 60 илјади евра колку што чинеше споменикот на Скендербег во иста големина во бронза. Ме чуди само како со Декларацијата не предлагаат изградба на уште неколку такви споменици кои би биле излиени во бронза во Италија и би биле поставени во сите општини кај што победија на локалните избори. Тоа би бил добар извор за финансирање на нивните нови градоначалници. Сега имаат можност ‘патриотскиот грабеж’ да продлолжи“, напиша Спасов на Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот