Новата сезона 2025/2026 ќе биде отворена на 3 октомври

Со ремек-делото „Реквием“ од Моцарт ќе биде отворена новата концертна сезона во Националната опера и балет

Националната опера и балет ќе ја отвори новата сезона 2025/2026 со едно од најмоќните и најемотивни ремек-дела во историјата на класичната музика – „Реквием“ од Волфганг Амадеус Моцарт на 3 октомври, со почеток во 20 часот.

Под диригентската палка на истакнатиот италијански диригент Џанлука Мартиненги, македонската публика ќе има можност да присуствува на изведба на дело што ја отсликува генијалноста, длабочината и духовната сила на Моцарт.

Во солистичката постава ќе настапат: Биљана Јосифов (сопран), Николина Јаневска (мецосопран), Јане Дунимаглоски (тенор) и Владимир Саздовски (бас). Заедно со оркестарот и хорот на Националната опера и балет тие ќе создадат незаборавно музичко доживување кое ќе го означи почетокот на новата сезона.

„Реквием“ е последното и недовршено дело на Моцарт, создадено во последните месеци од неговиот живот и обвиено со мистерија и легенди. Делото претставува музичка исповед, исполнета со драматични контрасти – од тивките молитвени моменти до експлозивните хорски сцени. Неговата длабока емоционалност и духовност ја водат публиката од болка и тага кон надеж и вечност.

Ова монументално остварување повеќе од два века ја фасцинира и инспирира публиката ширум светот и се смета за едно од најзначајните и најизведувани дела во светската музичка литература. Секоја нота од „Реквием“ го носи печатот на Моцарт и ја потврдува неговата вечна музичка величина.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 300, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.9.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот