Со навреди и обвинувања за насилство изласан буџетот на Карпош, 3800 амандмани на ВМРО-ДПМНЕ останаа само на хартија

Фото: Општина Карпош

Градоначалникот Стевчо Јакимовски рече дека ова било настан без преседан во историјата на локалната самоуправа, каде што советниците на ВМРО-ДМПНЕ се обидоа да го блокираат донесувањето на буџетот, а тие пак обвинија за седница полна со деловнички и законски недоследности каде се погазени легално поднесени амандмани.

Советот на Општина Карпош со 15 гласа „за“ во напната атмосфера, со меѓусебни навреди, обвинувања за насилство и непочитување процедура, го изгласаа буџетот за 2024 година, притоа, воопшто не поведувајќи расправа за над 3800 амандмани поднесени од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Објаснување зошто се „прескокна“ амандманската расправа не даде Добрила Андоновска, советник од ГРОМ, која како најстар член на Советот претседаваше со седницата во отсуство на претседателот на Советот, Бранко Ристов од Левица.

Токму големиот број амандмани беа причина зошто буџетот не се донесе на последното продолжение на 37-та седница одржана на 28 декември, што предизвика вработените во општинската администрација вчера да излезат на протест уплашени дека ќе останат без плати и дека без буџет ќе се оневозможи нормалното функционирање на Општината. Денеска тие наместо на своите работни места во општинските канцеларии присуствуваа на седница и со аплауз го поздравија донесувањето на буџетот. Градоначалникот Стевчо Јакимовски неколкупати претходно ги предупредуваше да не создаваат неред во салата, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ побараа по изгласувањето на буџетот, вработените во Општината да ја напуштат седницата поради тоа што им упатуваат закани и пцости, но Андоновска објасни дека не може да ја отстрани јавноста кога се дискутира за буџет.

На донесувањето на буџетот му претходеше жестока расправа. Координаторот на советниците од ВМРО-ДПМНЕ Роберт Вељановски побара да биде прекината седницата и да се свика вонредна седница и да се донесе одлука за времено финансирање на Општината како што предвидува законот.

Барам да биде прекината оваа седница, утрово не можевме да поднесеме барање за седница со единствена точка на дневен ред одлука за времено финансирање на Општината затоа што во 9 часот никој немаше во архивата. Затоа барам оваа седница да биде прекината и веднаш да пристапиме кон носење одлука за времено финансирање. Треба да знаете дека за секоја одлука постои одговорност и вие ќе ја сносите одговорноста за работите што ги правите – рече Вељановски.

Тој посочи дека неговата советничка група има поднесено повеќе од 3.800 амандмани кои треба да се разгледуваат.

Не може на сила да ја туркате целата приказна, ова е насилство – реагираше координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Подоцна, по изгласувањето на буџетот, советниците од оваа партија ја напуштија седницата поради, како што образложија, насила донесени акти што се од суштинско значење за Општина Карпош.

На седницата, полна со деловнички и законски недоследности, какви што до сега никогаш не се случиле во Советот на Општина Карпош, со флагрантно кршење на Деловникот на Советот на Општина Карпош беа погазени легално поднесени амандмани, поднесени од легитимно избрани народни претставници – советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ – изјави Вељановски по седницата.

Во изјава за новинарите градоначалникот Јакимовски пак рече дека ова било настан без преседан во историјата на локалната самоуправа, каде што советниците на ВМРО-ДМПНЕ се обидоа да го блокираат донесувањето на буџетот, а со тоа да го запрат функционирањето на Општината и исплаќањето плати на вработените од општинската администрација, училиштата и градинките.

За среќа, надвладеа разумот и огромна благодарност од мене, од граѓаните на Карпош, од општинската администрација, до советниците на СДСМ, Левица и ГРОМ и двајцата независни советници Невена Георгиевска и Александар Илиески, кои што ја видоа сериозноста што се создава со неносење на буџетот, но со жалење можеме да констатираме дека советниците од ВМРО продолжија со нивниот деструктивен однос. Тоа беше една демонстрација на еден циркус во кој имаше викање, како и обид да не се продолжи седницата, најмалку јавено 20 пати процедурално, па навредувања. Замислете, оној што дава 4.000 амандмани, во кои најмалку еден бил по еден денар, тие не биле насилни, ние сме биле насилници, кои со мнозинство го носиме буџетот. За жал, сценаристот и режисерот Христијан Мицкоски, кој е граѓанин на Општина Карпош и кој се обиде да ја блокира Општината во која живее, улогата што му ја доделил на актерот Роберт Вељановски, како главна улога, на крај не успеа да ја додржи ниту споредната улога, туку беше исфрлен на овој кастинг што го спроведува останатиот дел од Советот на Општина Карпош – истакна Јакимовски.

Годинава Општина Карпош ќе располага со основен буџет од 570.737.789 денари. Консолидираниот буџет, вклучувајќи ги тука и сите основни училишта и детски градинки на територија на Карпош ќе изнесува 1.262.790.000 денари, од кои најголемо учество во вкупните приходи имаат приходите што ќе бидат остварени преку трансфери и донации во висина од 656.713.000 денари или 52 отсто. Даночни приходи ќе бидат остварени во висина од 512.914.000 денари или 40,6 отсто, додека пак останатите 6,3% или 79.013.000 денари се неданочени приходи, како и капитални приходи во износ од 14.150.000 денари односно 1,1%.

На претходната седница беа изгласани и годишните програми на секторите и одделенијата на локалната самоуправа. Оттука, за образованието за 2024 година, вкупно се предвидени 14.325.000 денари, а за програмата за екологија и енергетска ефикасност годинава се наменети вкупно 132.300.000 денари. Во однос на проектите за кои особено се заинтересирани граѓаните, треба да се спомене дека за субвенционирање фасади, за лифтови и за покриви се обезбедени 24.000.000 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот