Вандали сакале да запалат црква од 14 век во Призрен, САД го осудија инцидентот

Фото: Џефри Ховениер/Твитер

Американскиот амбасадор во Приштина Џефри Ховениер оствари средба со рашко-призренскиот владика на Српската православна црква Теодосиј, користејќи ја приликата да разговара со него за верските слободи, но и да го осуди инцидентот во кој синоќа беше оштетена црква во Призрен.

Ова воедно беше и прва реакција од меѓународната заедница за обидот за палење на црквата изградена во 14 век, врз која биле фрлени молотови коктели, пишува порталот Коссев.

„Чест ми е да се сретнам со владиката Теодосиј за да го прославиме православниот Велигден и да разговараме за важни теми“, напиша Ховениер на Твитер.

Зборувајќи за верските слободи, амбасадорот рече дека Уставот на Косово ги гарантира верските права на сите граѓани.

Тој за време на средбата го осуди, како што го нарече, „загрижувачкиот инцидент“ со палењето на Српската православна црква „Св. Пантелејмон“ во Призрен за време на велигденските празници.

„Ги повикувам властите целосно да го истражат злосторството и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата“, рече амбасадорот.

Косовската полиција информираше дека синоќа непознати напаѓачи се обиделе да ја запалат влезната врата од црквата „Свети Пантелејмон“ во Призрен и дека пожарот бил изгаснат.

Според полицијата, нема голема штета, а нивните службеници по доаѓањето на местото на настанот констатирале дека мириса на бензин и дека изгорело пластично шише.

Рашко-призренската епархија подоцна соопшти дека всушност се работи за молотов коктел, а пожарот го изгаснал минувач. И Епархијата го осуди овој инцидент, велејќи дека тој „покажува дека наследството на Српската православна црква на Косово не е безбедно“, и дека „има такви кои сакаат да го уништат христијанското православно наследство на Косово “.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот