Сметките за струја патуваат „пеш“, ЕВН ја префрла вината врз поштенската достава

Фото: Драган Митрески / Слободен печат.

Проблемот со доцнењето на сметките, пратките, судските доставници, трае подолг период, но нема подобрување, а особено ги засега постарите граѓани, кои ниту имаат волја, ниту знаење да работат на компјутер така да ги регулираат комуналните трошоци.

Граѓаните кои ги добиваат сметките за струја во хартиена форма, се жалат дека за март и април ги примиле со големо задоцнување, па морале наеднаш да ги платат двете, за да не им се пресметува камата. Проблемот со доцнењето на сметките, пратките, судските доставници, трае подолг период, но нема подобрување, а особено ги засега постарите граѓани, кои ниту имаат волја, ниту знаење да работат на компјутер и така да ги регулираат комуналните трошоци.

-Априлската сметка била пратена на 8 мај, а јас ја добив на 19, како да патувала од странство? За март беше уште подрастично, сметката ми дојде на 2 мај. Ми се собраа две сметки за една недела, ама морав да платам за да нема камата – се жали една жителка на Аеродром.

„Слободен печат“ праша во ЕВН Македонија на што се должи ваквото доцнење, а тие вината ја префрлаат врз доставата од Пошта.

-ЕВН Македонија ги користи услугите на Македонска пошта за достава на фактури за потрошена електрична енергија до корисниците. Веќе неколку години по ред нудиме бројни онлајн услуги наменети за корисниците, а дел од нив е и електронската достава на фактурите. На страницата evnonline.mk на многу брз и едноставен начин корисниците може да се регистрираат за добивање на фактурите за електрична енергија по електронски пат или да креираат кориснички профил „Мој ЕВН Хоме“ и во секое време да бидат во можност да преземат фактури. Со овие услуги фактурите ќе ги добиваат навремено и го ќе избегнуваат недобивањете или доцнењето. Освен тоа, за добивање на фактура корисниците може да се обратат во нашите Кориснички енерго центри и Контакт центарот на ЕВН Македонија – информираат од ЕВН.

Од компанијата исто така посочуваат дека цените за електрична енергија ги одредува РКЕ, а последната датира од 1 јануари годинава, како одговор на реакциите на граѓаните дека во март и април добиле повисоки сметки. Неофицијално, тоа се должи на лошото време и ниските температури, кои ги натераа граѓаните да вклучат дополнителни извори за загревање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот