Словачкиот премиер ја повика Украина да отстапи дел од својата територија за да стави крај на војната со Русија

Роберт Фицо / Фото EPA-EFE/Szilard Koszticsak

Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека отстапувањето на дел од украинската територија на Русија е единствениот начин да се стави крај на војната со Русија и го повтори своето противење за членството на Украина во НАТО.

-Мора да има некаков компромис. Што очекуваат тие, дека Русите ќе го напуштат Крим, Донбас и Луганск? Тоа е нереално, изјави Фицо за словачкиот јавен радиодифузер РТВС.

Словачкиот премиер ја презеде власта во декември 2023 година, откако неговата левичарска популистичка партија Смер победи на изборите во септември, ветувајќи дека ќе престане да испраќа оружје во Киев, ќе го блокира потенцијалното членство на Украина во НАТО и ќе се спротивстави на санкциите против Русија.

Пред планираниот состанок на словачкиот лидер со украинскиот премиер Денис Шмихал в среда, Фицо го повтори своето противење на обидот на Украина да се приклучи на НАТО.

-Ќе му кажам дека сум против членството на Украина во НАТО и дека ќе ставам вето. Тоа би била само основа за третата светска војна, ништо друго. Украина не е независна и суверена земја, туку е под целосно влијание и контрола на Соединетите Американски Држави, рече тој.

Фицо нагласи дека Украина „нема да добие никакво оружје“ од Словачка. Според него, Украина е една од најкорумпираните земји во светот.

Минатата недела словачкиот премиер го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан во блокирањето на пакетот помош од ЕУ за Украина од 50 милијарди евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот