Слободни 13.905 места во градинките поради годишните одмори на родителите

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Сѐ уште не се знае дали од септември сите дечиња кои поради протоколите на Комисијата за заразни болести мораше да бидат отпишани од градинка, ќе можат да се вратат во своите групи. За тоа допрва ќе одлучува Комисијата, согласно епидемиолошката состојба во државата.

Според податоците од МТСП, во моментов градинка посетуваат само 11.594 деца на ниво на државата, а слободни места согласно протоколот има за 25.499 деца. Двојното намалување на бројот на деца кои активно одат во градинка се смета дека е резултат на годишните одмори, а не поради лошата здравствена состојба на децата или родителите.

Сепак, по завршувањето на летниот распуст се очекува значително зголемување на интересот за упис на децата во градинките, со цел да можат родителите да се вратат на работните обврски.

Мајка на петгодишно дете за „Слободен печат“ вели дека со нетрпение чека да може повторно да го запише синот во градинка за да може да се вработи.

-Поради пандемијата останав без работа, односно работодавецот не ми го продолжи договорот, по што останав дома да го чувам синот. Тогаш тоа ми одговараше бидејќи секако градинките беа затворени и немаше кој да го чува. Но откако градинките повторно се отворија лани во октомври, мојот син не го примија бидејќи бараа потврда дека двајцата родители се вработени, а јас таква потврда немам. Тогаш морав да го отпишам синот од градинка за да можат да ги примат децата чии двајца родители се вработени. Но, проблемот е што сега јас не можам да се вработам бидејќи нема кој да ми го чува детето, место во неговата градина нема, а неисплатливо е да ангажирам приватна дадилка. Затоа се надевам дека од септември се ќе се врати во нормала, и групите во градинките нема да работат со половина од капацитетот, вели Ивана.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска вели дека не може да се даде конкретен одговор дали групите во градинките повторно ќе функционираат преполовени.

-Останува да процениме дали градинките ќе работат со полн капацитет од септември. Ќе го почитуваме мислењето на здравствените власти, на Комисијата за заразни болести која будно ја следи епидемиолошката состојба, вели министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и додава дека изминатава година и покрај тешката епидемиолошка слика, во градинките имало многу мал број на заболени деца, воспитувачки и негователки, благодарение на систематскиот пристап, редовните надзори, почитувањето на протоколите од страна на вработените во градинките како и на родителите. Градинките беа првите што се отворија во пандемијата. На почетокот примивме 21.000 деца, а подоцна откако епидемиолошката слика во државата тоа го дозволи, примивме 25.000 деца од цела држава. Јас сум оптимист, комплетно очекувам една мирна есен, бидејќи нема причина зошто да не биде така. Најголем дел од вработените во градинките веќе се вакцинирани комплетно со двете дози.  Од развојот на епидемијата,  односно од  мислењето на здравствените власти, пред се на Комисијата за заразни болести, која будно ја следи епидемоклошката, состојба ќе зависат и проценките дали од септември децата ќе одат во градинка. Здравјето на децата, на вработените и на сите нас како граѓани, е пред се, рече Шахпаска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот