Скопјанката Лидија Цаковиќ: Не ја хоспитализираа сестра ми со сатурација 93, па за три дена и падна на 55 и почина

Соња Цаковиќ од Скопје, сопруга и мајка на две деца, која работната кариера ја посветила на педагогијата помагајќи им на деца без родителска грижа, пред два месеца починала како последица на ковид во болницата ,,8 Септември” на 15 април годинава. Нејзината сестра, Лидија Цаковиќ, е гневна на системот. Таа за „Слободен печат“ тврди дека сестра и се јавувала на лекарски преглед уште во најраната фаза на симптомите на ковид, на Ургентното одделение во ГОБ „8 Септември“, но поради тоа што имала висока сатурација, била одбиена за хоспитализација и испратена дома со антибиотска терапија. Само неколку дена подоцна, откако станало јасно дека нема подобрување од антибиотикот што и бил препишан, со сатурација 55 и со комбе на Итната помош, добила болнички кревет. Меѓутоа, ова бил почеток на крајот, бидејќи за само неколку дена, починала.

– Сестра ми не е статистика, туку мајка на две деца. Беше педагог, работеше во Министерството за труд и социјална политика и беше посветена токму на децата без родители. Помагаше секому. Не можам да си простам што не ја спасив и засекогаш ќе се чувствувам виновна што таа почина, затоа што му верував на здравствениот систем, наместо да ја лекуваме на приватно. Сестра ми се јави на ургентното одделение во ГОБ „8 Септември“ на 7 април и во тешка состојба беше пуштена дома. Во ургентното одделение се јави бидејќи не се чувствуваше добро, позитивна беше на ковид, имаше главоболка, повраќаше и беше малаксана. Ја прегледале, и дале инфузија, нова терапија и ја пуштиле дома. Според извештајот можете да видите во каква состојба била. Утредента ја видов дома, отечена и црвена во лицето. На 12 април викнав Брза помош, видоа дека сатурацијата и е падната на 55 и тогаш доби болнички кревет. Меѓутоа почина за три дена, а јас врескав од болка и се покајав што викнав Брза помош – ни раскажува низ солзи Лидија.

Таа вели дека е гневна што сестра и не била хоспитализирана на време, кога имала сатурација 93 и други сериозни симптоми, но истовремено и се обвинува себеси што викнала Брза помош кога сатурацијата и паднала на 55.

– Многу бевме блиски. Ги прашав докторите зошто не ја примија кога уште можеше да се спаси, кога првиот пат отиде таму, во првата фаза од болеста, но одговор не добив. Нехумано е да не се хоспитализира пациент, а за три дена да му се каже дека доцна дошол во болница и дека е ,,со една нога до Господ”. Доколку се реагираше на време, ситуацијата ќе беше поинаква, вели Лидија, сестра на починатата Соња.

Последниот ден, сатурацијата на 51-годишната жена, која немала никакви претходни болести, паднала на 34. Била реанимирана, но не можело ништо да се стори. Починала три дена по болничкиот прием, на 15 април. Во шок листата на ординирана терапија последниот ден од хоспитализацијата има 21 лек и витамини.

За нејзиното незадоволство од начинот на лекување и ординираната терапија, сестрата на Соња Цаковиќ, се обратила до Лекарската комора и до Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

ДСЗИ наложил да се состане Комисијата за контрола на квалитетот на здравствената заштита во ГОБ „8 Септември“ и да се произнесе за медицинските постапки и за начинот на лекување на пациентката. Комисијата од болницата заклучила дека пациентката на 7 април кога дошла во ургентното одделение била во стабилна општа состојба и задоволителна сатурација на амбиентален воздух.

,,Во согласност со наодите од направените лабораториски анализи и имиџинг методи, задоволени се критериумите за домашно лекување и ординирана е соодветна терапија за дома. На 12 април поради пад на кислородна сатурација и масивна билатерална ковид-19 предизвикана пневмонија, пациентката била хоспитализирана. За време на болничкиот престој, покрај оксигенотерапија била спроведена соодветна терапија по протокол за ковид 19”, пишува во записникот потпишан од 7 доктори, дипломиран фармацевт и дипломиран медицински техничар.

Потоа Министерството за здравство поднело иницијатива за стручен надзор до Лекарската комора на Македонија.

,,Комисијата за етички и правни прашања сочувствува со вашата болка предизвикана од загубата на вашата сестра, но мора да напомене дека болеста ковид-19 е непредвидлива болест. Поради тоа, времетраењето на лекувањето на пациентот во болница, не значи и негово излекување. Докторот е самостоен при преглед и лекување на пациентот и тој прави проценка на здравствената состојба на пациентот во зависност од неговата состојба во моментот на прегледот”, одговориле од Лекарската комора.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот