Скапо ни е да ги мериме опасните хемикалии во воздухот, па лесно ги губиме прескапите животи

Загадување во Скопје / Фото: ''Слободен печат''/ Драган Митрески

Загадувањето на воздухот секоја година убива над 5.500 луѓе годишно во Македонија, а најопасниот полутант се ситните честички ПМ (particulate matter) и за нив јавноста веќе го научи правилото дека колку се повеќе и колку се помали толку се поопасни. Но, освен количината, смртоносен е и нивниот хемиски состав, а за тоа – немаме информации! Бензени, бензопирени, диоксини, фурани, амонијак, киселини итн. – сите овие опасни хемиски соединенија се дел од она што ние „нагалено“ го нарекуваме ситни честички во воздухот, што всушност е еуфемизам зад кој се скриени предизвикувачите на канцер, срцеви и белодробни заболувања и редица други болести и нарушувања од кои илјадници умираат, губат години на здрав, квалитетен и продуктивен живот, а државата плаќа милијарди за лекувања, боледувања, семејни пензии итн.

Кога загрижениот граѓанин ќе види часовна вредност на ПМ10 честичките од, на пример, 300 микрограми на кубен метар воздух, тоа не значи дека тоа се 300 микрограми „обичен“ прав, туку во нив може да има сè – тешки метали, честички од автомобилски гуми, цемент, пепел, саѓе и сето тоа е вдишливо. Но, што точно има во моментот во воздухот, колку има, каде има, колку време ќе се задржи, каде ќе отиде, колку е опасно и што да се прави во тие ситуации – не е познато. Одговорот на прашањето зошто не ги мериме опасните секундарни загадувачи е едноставен, но решението е сложено за наши услови – државата нема пари за скапите мерења и нема соодветна опрема, а дури и да има, нема доволно вработен и обучен кадар за такви мерења. Клучно за немерењето е и што нема доволен јавен интерес и знаења на темата и соодветно, нема ниту притисок од граѓаните кон власта.

Според Европската агенција за животната средина, во 2021 година во Македонија поради загадениот воздух прерано починале 5.600 луѓе

Многу сме загрозени, а малку знаеме

Државата преку автоматскиот мониторинг-систем мери пет основни аерозагадувачи: примарните загадувачи ситни честички ПМ10 и ПМ2,5, јаглерод моноксид, сулфур диоксид, азотни оксиди и секундарниот загадувач озон, а останатите секундарни загадувачи ги мери само во инцидентни мерења, преку проекти и кампањи што се случуваат многу ретко. Еден таков „инцидент“ во мерењата спроведен во Карпош, Скопје, во периодот од август 2015 до март 2016 година, покажа значително високи концентрации на бензо(а)пирен во составот на ПМ честичките, а бензо(а)пиренот е опасна, канцерогена и мутагена хемикалија, дел од групата полициклични ароматични јаглеводороди (PAHs).

– Веќе подолго време се доцни со надополнување на Законот за квалитет на амбиентниот воздух, пред сè со европската директива за арсен, кадмиум, жива, никел и полициклични ароматични јаглеводороди (PAHs) во воздухот. Со проширување на мониторинг системот со овие загадувачи ќе се добие многу појасна слика и за квалитетот на воздухот, но и за потенцијалните извори на загадување. Концентрациите на овие загадувачи се одличен индикатор кои индустриски процеси или процеси на согорување најмногу влијаат на воздухот. Исто така, добро се познати и сериозните здравствени последици што можат да ги предизвикаат, па редовен мониторинг со јавно достапни информации многу ќе придонесе, пред сè, кон добивање појасна слика за штетните влијанија од загадениот воздух, но и ќе помогне граѓаните да се информирани и да може да преземат соодветни мерки да се заштитат – вели активистот за чист воздух Давор Пехчевски.

Во нашето законодавство од секундарните полутанти е пропишана целна вредност единствено за бензо(а)пиренот и таа изнесува само еден нанограм на кубен метар воздух како годишна просечна вредност. Но, шестмесечната кампања во Карпош зимата 2015/2016 година измери средна вредност од дури 8 нанограми на кубик воздух, а во одредени денови во декември и јануари вредноста на бензо(а)пирен достигнала и до 28 нг/м3.

Резултати од мерењата на бензо(а)пирен во Карпош / извор: Годишен извештај на МЖСПП

„Врз основа на резултатите од мерната кампања, концентрациите на Б(а)П се видливо повисоки во текот на најстудените месеци (од ноември до февруари). Ова очигледно е поврзано со повисоките емисии кои произлегуваат од греењето во домаќинствата“, констатира Министерството за животна средина во Годишниот извештај за квалитетот на животната средина од 2016 година.

Овие мерења оттогаш не се повторени, но со оглед дека ништо не е променето, логично е дека секоја грејна сезона граѓаните се изложени на опасни концентрации на бензо(а)пирен, затоа што полицикличните ароматични јаглеводороди потекнуваат од непотполно согорување на материи што содржат јаглерод како што се нафтата, дрвото, отпадот или јагленот.

PAHs соеднинението бензо(а)пирен е познато по тоа што е прва откриена канцерогена хемикалија. Класифицирани се 7 PAHs соединенија што се канцерогени за човекот, а имаат и мутагени и тератогени својства. Висока пренатална изложеност на PAHs се асоцира со помал коефициент на интелегенција и астма кај децата. Изложеноста на PAHs за време на бременоста резултира со негативни резултати како предвремено породување, ниска телесна тежина кај новороденчињата и срцеви малформации. Земените примероци на крв од папочната врвка на изложени бебиња покажуваат оштетување на ДНК. Студиите покажуваат пониско ниво на развој кај тригодишни деца, пониски резултати на тестови на интелегенција и зголемување на проблеми во однесувањето на возраст од шест и осум години. Исто така изложеноста на PAHs кај децата резултира со високи нивоа на анкисозност или депресија“, се вели во Годишниот извештај на МЖСПП од 2016 година.

Ни треба надградба на државниот мониторинг систем

Од граѓанската иницијатива О2 велат дека е од особено значење да се мери подетално квалитетот на воздухот и да се прошири листата на загадувачи што се мониторираат од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух (ДАМСКАВ).

– Секако дека истото е изводливо и потребно, но чини пари и тоа е единствената причина зошто не се прави. На државно ниво не е задоволителен ниту бројот на мерните станици кои ги мерат неколкуте основни полутанти, меѓу кои и концентрациите на ПМ10 честичките. Едноставно речено, не е доволно само да знаеме колкава е часовната концентрација на ПМ10 честиците, неопходно е и да знаеме што сè е можно да има во нивниот состав. Овие честички имаат само иста големина, но нивниот состав може да биде многу различен и многу опасен, дури и при ниски концентрации – велат од О2.

Протест за основното право на чист воздух / фото: Фејсбук-страница на О2 Иницијатива

Од Министерството за животна средина и просторно планирање објаснуваат дека ДАМСКАВ се состои од 21 фиксна мониторинг-станица и една мобилна станица поставени во повеќе градови и дека соодветно се проширува. Целта на државниот мониторинг систем е да се следи квалитетот на воздухот во различни репрезентативни области, односно, во секоја зона и агломерација да има станици што ќе го мерат загадувањето од индустријата, од сообраќајот и во урбана заднина.

– Моментно бројот на мерни места и бројот на мерни инструменти од ДАМСКАВ е значително поголем од пропишаниот минимален број согласно националното и европското законодавство, со цел да се овозможи оценка на квалитетот на воздухот во поголемите урбани средини, информирање на граѓаните и навремено преземање мерки – велат од Министерството.

Истото мислење, дека бројот на станици е доволен го дели и професорот Дејан Мираковски од Факултетот за природни и технички науки, ректор при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кој меѓу другото, предава Загадување и заштита на воздухот и е дел од тимот што ја раководи лабораторијата Амбикон. Но, тој додава дека тие станици треба да вршат дополнителни мерења.

– Државната мрежа што ја има воспоставено МЖСПП е конципирана во согласност со барањата на ЕУ директивите и од аспект на видот загадувачки материи и од аспект на методите на мерење и бројот на мерни станици. Согласно големината на територијата и популацијата на нашата земја може слободно да се каже и дека државниот мониторинг систем е целосно рамноправен со земјите во регионот, па и со повеќето европски земји. Сепак, ние имаме специфични проблеми, посебно со квалитетот на воздухот во урбаните средини и верувам дека дополнување на мрежата со системи за мониторинг на елементарниот јаглерод или black carbon, како што популарно се нарекува, можат значително да ја подобрат информираноста и да обезбедат подобра основа за дефинирање на изворите на загадување. Дополнително, неопходно е во целата мрежа да бидат вклучени уреди за мерење на концентрациите на фината фракција на суспендирани честички (ПМ 2,5) кои моментално се следат само на неколку станици, како и на метеоролошките параметри кои, иако се мерат на најголем број локации, воопшто не се презентираат и не се јавно достапни – вели професорот Мираковски.

Професор Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“

Посебен проблем кој мора да се надмине, потенцира тој, е одржувањето на инструментите и долгите периоди на сервисирање, кои, пак, често резултираат со испади на поединечни системи и голема загуби на податоци што дури може да предизвикаат и целосна загуба на основната функција на системите за мониторинг, а тоа е оцена на квалитетот на воздухот во зоната на набљудување.

– Сметам дека поради специфично високите нивоа на загадување нашата држава би требало да вклучи и дополнителни параметри на мерење, со што на една или повеќе станици, барем периодично би се мерел и хемискиот состав на суспендираните честички и атмосферските талози, а согласно препораките од EMEP (Europeab monitoring and evaluation programe) и СЗО. Секако, ова бара дополнителни вложувања, но верувам дека во соработка со научните институции во државата може да се реализира ваква активност, која ќе обезбеди многу подобра информираност за состојбите, како и подобро дефинирање на изворите на загадување и на влијанието врз здравјето на населението – вели професорот Мираковски.

Министерството нема пари, нема опрема, нема кадар

Од Министерството за животна средина велат дека немаат доволно капацитети за дополнителни мерења, но најавуваат проекти во кои ќе се добијат барем дел од потребните информации, како на пример концентрацијата на тешки метали во воздухот во неколку града.

– За да се овозможи континуиран мониторинг на бензо(а)пирен, арсен, кадмиум, никел, олово потребно е да се врши континуирно собирање на 24-часовни примероци од воздухот со уреди за земање на примероци (семплери), па потоа земените примероци (филтри) да се третираат во лабораторија со цел утврдување на концентрацијата на овие загадувачки супстанци. Моментално Министерството не го спроведува овој тип на мониторинг заради недоволен административен капацитет и непоседување на соодветна опрема за анализа. Меѓутоа, досега во рамките на повеќе проектни активности се вршени ваков тип на мерења. Моментно во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ имплементиран од страна на УНДП, се врши континуиран мониторинг на тешки метали во градовите Куманово, Гостивар, Струга, Кавадарци и Струмица, во период од една година, почнувајќи од март 2023 година. Целта е подготовка на студии за утврдување на уделите на различните извори на загадување. Исто така, во рамките на проект за воздух од ИПА 2 програмата, кој е во прва фаза на евалуација, се предвидени мерења на тешки метали, полициклични ароматични јаглеводороди и испарливи органски соединенија во период од една година на најмалку три утврдени локации. Овој проект се очекува да почне во вториот квартал од 2024 година – информираат од Министерството.

На прашањето дали планираат да набават мобилни мерни станици или инструменти за мерење на разни загадувачи велат дека уредите за земање примероци можат да земаат примероци на воздух и во фракцијата на цврсти честички да се анализираат тешки метали и бензоапирен, но Централната лабораторија за животна средина нема доволен капацитет ниту целосна опрема за анализа на овие примероци.

– Централната лабораторија е акредитирана за одредени методи, но не и за анализа на составот на цврстите честички. Овие анализи воедно се скапи и се вршат како индикативни мерења во рамките на проекти. МЖСПП ги разгледува можностите за поставување на БТЏ инструменти за мерење на концентрации на бензен и други испарливи органски соединенија на мерните места кои го следат загадувањето од сообраќајот. Во однос на органските загадувачки супстанци освен за бензо(а)приенот за останатите нема гранични вредности и нема обврска ниту во ЕУ директивите за воздух за нивно мерење. Пресметките на емисии на истите се прават со цел споредба со вкупна емисија на загадувачки супстанци во базни години, согласно меѓународните договори. Во зависност од технолошкиот процес одредени инсталации се обврзани да ги мерат емисиите на органските загадувачки супстанци на оџак за кои во националното законодавство и нивната ИСКЗ дозвола има одредени гранични вредности кои не смеат да се надминат – објаснуваат од МЖСПП.

Да се искористи сè што ни е на располагање

Од О2 Иницијативата велат дека согласно нашата законска регулатива, а и согласно ЕУ Директивите за квалитет на амбиенталниот воздух ние треба континуирано да ја мониторираме концентрацијата на тешките метали во воздухот: олово, арсен, кадмиум и никел, потоа концентрацијата на бензенот, а од групата на PAHs: бензо(а)пирен, бензо(а)антрацен, бензо(б)флуорантен, бензо(ј)флуорантен, бензо(к)флуорантен, индено(1,2,3 цд)пирен и дибензо(а,х)антрацен, како и на живата во гасна состојба и прекурсорските супстанции на озонот.

– Секако, мониторингот треба да се врши со пропишани стандардни методи. Концентрациите е потребно да се знаат за урбани, индустриски, приградски и рурални средини. Важно е да напоменеме дека сите овие загадувачки супстанции се утврдени канцерогени, мутагени, токсични супстанции и затоа е потребно да ја знаеме нивната концентрација во воздухот и токму затоа сите овие мерења се опфатени со јасни законски акти. Колку и да чинат, овие мерења како држава законски сме обврзани да ги спроведеме. А за дел знаеме дека воопшто и не се прескапи – велат од О2.

За тоа дали државата треба да купи уреди за мерење или пак, да ангажира приватни фирми со соодветна опрема од О2 велат дека треба да се искористат сите расположливи ресурси.

– Државата пред сè треба да ја изврши законски предвидената обврска во однос на потребните мерења. Дали ќе вложи сама во инструменти за автоматско мерење на дел од овие супстанции, дали другиот дел сама ќе го мери или ќе ангажира акредитирана приватна фирма или лабораторијата Амбикон при Универзитетот во Штип или лабораторијата за хроматографски анализи на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, е одлука која државата треба да ја направи земајќи ја оптималната варијанта за секој тип на мерење. Наше мислење е дека треба да се искористат веќе постоечките ресурси на лабораториите при нашите универзитети и да се вложи таму ако е потребно, со оглед дека Централната лабораторија за животна средина при МЖСПП кубури со човечки ресурси, на огласи не се пријавуваат нови лица кои се потребни, па купување на опрема со која нема кој да работи е фрлање на пари, без резултат. Онаму каде е можен автоматски мониторинг, како за прекурсорските супстанции на озонот, а тоа е група на VOCs (испарливи органски соединенија) и на црниот јаглерод (black carbon), да се вложат средства и да се инсталира – велат од О2.

Лабораторијата Амбикон при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип

За мерењето на диоксините и фураните, кои се сосема друг група на загадувачи, од О2 велат дека е потребно, но е скапо, а кај нас нема кој да го прави тоа.

– Потребно е доопремување и акредитирање на веќе постоечките лаборатории, како лабораторијата за хроматографски анализи или ангажирање на надворешна фирма вон земјава која ќе го направи тоа. Имајќи предвид дека потребата од мониторинг и постигнувањето на граничните вредности за полутантите не е нешто ново и дека неопходноста за истото е повеќе од јасно утврдена со децениски институционални истражувања, впрочем затоа и се наоѓа дури и во нашата легислатива, сметаме дека не постои оправдување зошто не е изнајден начин како да се спроведе сето погоре напишано. Невозможно е да се заштитиме од сериозните последици на овие полутанти, доколку не постои мониторинг за нив – категорични се од О2.

Професорот Мираковски објаснува дека ваквиот вид на мерења и анализи бараат многу поразличен пристап и технологија.

– Колку што имам информации во Македонија има обиди за испитувања, но сѐ уште нема акредитирана метода, па засега анализите се вршат надвор од државата. Инаку, од загадувачите полицикличните ароматични јаглеводороди (PAHs) се едни од најопасните по човековото здравје, бидејќи многу од нив се канцерогени. PAHs во амбиентниот воздух се врзуваат со суспендираните честички (ПМ2,5 и ПМ10). Најпознато и најмногу проучувано соединение од оваа група е бензо(а)пиренот, кој е единствениот PAH за кој има определена целна вредност во законодавството. Мерените концентрации на Б(а)П се посебно високи во голем дел од Централна и Источна Европа, главно како резултат на емисиите од горењето дрва во домовите, а исто така се појавува и кога се согоруваат нафта, бензин, гас, растителен отпад и тутун. Вообичаено, мерењата на PAHs се вршат во рамки на програмите за анализа на хемискиот состав на суспендираните честички и атмосферските талози, кои како што споменав, би требало да бидат дел од нашата редовна мониторинг програма, барем на една, ако не на повеќе локации – вели професорот Мираковски.

Запалените депонии го горат и здравјето

Друга група загадувачи што можат да наштетат на здравјето се перзистентите, односно постојаните органски загадувачи, како што се диоскините и фураните кои се ослободуваат со неправилно горење на отпад. Кај нас градските депонии редовно се палат, по што градовите кои главно се во котлини се полнат со депонискиот чад што со часови или со денови останува меѓу луѓето и ги загрозува. Не е познато колку, затоа што мерењето на диоксините и фураните е најскапо.

Штетни емисии од запалени хемикалии има и при хаварии, но и нивниот состав ни е енигма. Таков беше случајот пред еден месец кога се запали магацин за бои и лакови во тетовското село Фалише и во воздухот се испуштија тони опасен чад, чиј состав остана непознат, а министерката за животна средина Каја Шукова рече дека во Македонија нема акредитирана метода за мерење на органски загадувачи на воздухот.

Пожарот во тетовско Фалиште предизвика еколошка штета што не е измерена / фото: Слободен печат

Професорот Мираковски вели дека уредите за мерење се скапи, но се употребуваат низ светот и треба да бидат дел и од нашиот систем за управување со кризи.

– Тука имаме два различни проблеми. Вонредните состојби, како пожарите секаде се управуваат од институциите надлежни за таа намена, кои вообичаено треба да поседуваат уреди за идентификација на загадувачките материи во воздухот, пред сè за заштита на персоналот кој се справува со тие вонредни состојби и влегува во тие опасни зони. Таквите уреди се вообичаено мобилни детектори што ги детектираат зголемените концентрации на загадувачките материи во реално време и овозможуваат дефинирање на мерки за заштита и на персоналот кој се справува со вонредната состојба, но и на населението во непосредна близина. Постојат повеќе видови на уреди, базирани на различни методи на мерења (фотојонизирачки, ФТИР, оптички…), кои со висока прецизност детектираат присуство на суспендирани честички, голем број гасови или органски испарливи компоненти. Покрај фактот што овие уреди имаат релативно висока цена, сепак се достапни и се во широка употреба насекаде во светот, па сосема нормално би требало да бидат дел и од системот за управување со кризи и кај нас – вели професорот.

Тој додава и дека во лабораторијата Амбикон во Штип имаат мобилни уреди за неколку фракции на суспендирани честички и рачен уред (PID detector ppb PAE), наменет за детекција на над сто различни органски испарливи супстанции.

За пожарите на депониите професорот вели дека тоа е поразличен проблем бидејќи стана вообичаена појава наместо исклучок, иако се работи за појави кои можат и мора да се спречат во целост.

– Вообичаено, постојните мониторинг мрежи би требало да ги детектираат загадувањата од пожарите на депониите, бидејќи кај овие пожари доминираат емисиите на суспендирани честички, јаглерод диоксид и јаглерод моноксид. Програмите за хемиска анализа на суспендирани честички би можеле да обезбедат дополнителни информации за штетноста на овие емисии, што е дополнителна причина за нивна имплементација како дел од редовниот мониторинг – вели професорот Мираковски.

Активистот Давор Пехчевски вели дека за разлика од PAHs, диоксините и фураните се перзистентни или неразградливи загадувачи и генерално во светот има малку примери за континуиран мониторинг на овие соединенија во воздухот.

– Но, начините на кои тие се создаваат се доста добро познати и со повремено мерење на познатите извори може да се постигне доста добра инвентаризација на нивните емисии во медиумите на животната средина. Поголем проблем со нив е што тие не се разградуваат и се таложат, најмногу во водата и почвата, и така стигнуваат до граѓаните во многу поголеми концентрации. Токму затоа и во ЕУ концентрациите на диксините и нивните сродни хемикалии пред сè се следат во водите за да се знае обемот на нивното распространување. Кај нас иако европската директива за води е пренесена во Законот за водите, тие не се следат. Воопшто, следењето на квалитетот на водите е на ниско ниво, но тоа е веќе друга тема. Дополнително, во ЕУ има и регулатива за следење на нивната концентрација и во храната, како друг примарен начин на кој тие стигнуваат до граѓаните, но и тоа кај нас е повеќе инцидентно и нема редовно следење – вели Пехчевски.

Давор Пехчевски ЕКО- свест/ ФОТО, Слободен печат

За неодамнешниот пожар во Тетовско Пехчевски вели дека државата треба да им наложи на субјектите што управуваат со овие објекти да ги следат загадувањата.

– Секој објект што оперира легално мора да има план за спречување и следење хаварии и операторот на тој објект би морал да ги има сите потребни инструменти за следење на хаварии како онаа во Тетовско. Проблемот кај нас многу повеќе е во тоа што има голем број на објекти што оперираат нелегално. Депониите се одличен пример за ова. Освен Дрисла нема друга депонија што е легална и овластена за треман на отпад. Во оваа ситуација нема правен субјект и овластено лице што се одговорни за нив и е скоро невозможно да има какво било спречување на пожари или други хаварии, а уште потешко е да има детално следење на загадувачите што се емитуваат во вакви случаи – вели Пехчевски.

МЖСПП: Постапуваме според законот

Од Министерството се категорични дека ги мерат загадувачките супстанци што се опишани во Законот за квалитет на амбиентален воздух, а согласно со барањата на ЕУ директивите за воздух кои се транспонирани во националното законодавство. За мерења при хаварии се одговорни сопствениците, а мерења на емисиите при депониските пожари, велат, не се прават.

– Во овие директиви освен загадувачките супстанци кои сме обврзани да ги мериме и граничните вредности за нив, се наведени и критериумите за избор на локација на мерните места. Ова се однесува и на мерните станици и на семплерите на кои им е потребен постојан пристап на струја и заштита од вандализам. Целта на државниот мониторинг е утврдување на квалитетот на воздухот од различни извори. При индустриски несреќи се врши мониторинг од страна на инсталацијата во или поради која настанала хаваријата. Што се однесува до депониите, редовен мониторинг во близина на депонии не се врши ниту во останатите земји. Потребно е управителите на депониите да преземат мерки за да не дојде до нивно палење и долготрајно горење – велат од Министерството.

Оттаму додаваат и дека составот на ситните честички секогаш мора да се измери во лабораторија.

– Квалитетен земен примерок за утврдување на составот на честичките е со времетраење од 24 часа и истите не се краткотрајни или за инцидентни ситуации, ниту пак постојат уреди за моментно и директно утврдување на концентрации на загадувачки супстанци во воздухот. Примероците за ситни честички, исто така, се земаат во различни годишни времиња во текот на цела година, а потоа се прават лабораториски анализи, односно, нема уред што директно ќе ја утврди нивната концентрација во воздухот. Органските загадувачки супстанци како испарливи органски соединенија и ПОПс се земаат во подолг временски период, а не инцидентно, со пасивни семплери, по што следи хемиска анализа, но за нив нема одредени гранични вредности за квалитет на воздух, односно нема со што да се споредат. Овие анализи досега се правени во рамките на проекти во лаборатории надвор од земјава. Доколку опожарената депонија е на воздушно растојание од четири километри на мерната станица ќе може да се забележат зголемени вредности на јаглерод моноксид и на ситни честички – велат од МЖСПП.

Скопје во декември 2023 година / Фото: Жана П.Божиновска, Слободен печат

Кои се загадувачите од интерес и што ни прават?

Околу 90 отсто од сето загадување на воздухот е предизвикано од петте основни загадувачки материи, а штетните секундарни загадувачи настануваат со хемиски реакции меѓу основните загадувачки материи и други составни делови на атмосферата.

Во Годишните извештаи на МЖСПП за квалитетот на животната средина во поглавјето „воздух“ се опишани сите значајни аерозагадувачи и нивното влијание врз здравјето.

Неметански испарливи органски соединенија (NMVOC) во себе содржат јаглерод, лесно испаруваат и се дел од реакциите што го формираат приземниот слој на озон, кој пак штетно влијае врз здравјето. Во оваа група се: алкани, алкохоли, алдехиди, кетони, ароматични јаглеводороди и халогенирани деривати на овие соединенија.

Тешко разградливи органски соединенија (POPs) имаат ниска растворливост во вода и висока растворливост во липиди, што овозможува нивна биоакумулацијата во масните ткива. Овие загадувачки супстанци се детектирани и во региони далеку од локалните извори како што се океаните, пустините, Арктикот и Антарктикот, во сите области на светот, во концентрации до 15 нг/м3. Имаат долг животен век во животната средина и скоро да не се распаѓаат во воздухот, водата или во почвата. Во оваа група се диоксините и фураните, кои меѓу другото, настануваат со палење на депониите, но и во инценератори на комерцијален и комунален отпад, како и од согорување на дрво, јаглен или нафта. Токсичноста зависи од бројот и позицијата на атомите на хлор, а седум сродни соединенија се дефинирани како токсични, согласно шемата на токсичност на СЗО. Диоксините имаат полуживот во времетраење од 7 години во човечкиот организам. Нивната токсичност за човекот при изложеност на ниски дози сè уште е предмет на дискусија бидејќи, таквиот тип на истражувања тешко се спроведуваат. Сепак, неколку епидемиолошки студии кај луѓето покажале зголемен број на случаи на заболени од рак при изложеност на токсични диоксин.

Тешките метали се метали со поголема густина кои имаат негативно влијание врз животната средина. Во оваа група спаѓаат хром, кобалт, никел, бакар, цинк, арсен, селен, сребро, кадмиум, антимон, жива, талиум и олово и се емитираат главно како резултат на различни индустриски активности и согорување на јагленот. Особено негативни ефекти врз животната средина имаат кадмиумот, живата и оловото. Иако концентрациите на овие метали во атмосферата се ниски, сепак тие се таложат и насобираат во почвата, седиментите и организмите. Тешките метали не се распаѓаат во животната средина, а некои се биоакумулираат, односно тие постепено се акумулираат во растенијата и животните и не може да се излачат од нив. Ако тежок метал е биоакумулиран на одредено место во синџирот на исхрана – на пример, во рибата – тогаш користење на таа риба претставува сериозен ризик за здравјето на луѓето.
Согласно Законот концентрациите на тешките метали олово, арсен, кадмиум и никел треба да се следат, но мониторинг не се спроведува. Но, инцидентните мерења покажуваат дека повремено ги има во воздухот над пропишаните гранични вредности.

Измерени вредности на тешките метали во воздухот во Карпош за време на мерната кампања во зимата 2015/2016 година

Оловото е невротоксичен метал, кој ги оштетува бубрезите, црниот дроб, мозокот и нервите. Кадмиумот ја нарушува функцијата на бубрезите, а може да предизвика остеопороза и  рак на белите дробови. Живата може да има влијание врз црниот дроб, бубрезите, дигестивниот систем, респираторниот систем, како и врз централниот нервен систем. Високо ниво на арсен во воздухот може да предизвикуваат зголемување на смртноста од кардиоваскуларни заболувања, невропатија и гангрена на екстремитетите. Постојат докази дека неоргански соединенија на арсен предизвикаат рак на кожата и белите дробови. Никелот е познат канцероген метал кој има и неканцерогени ефекти врз ендокриниот систем и може да ги оштети респираторниот тракт и на имунолошкиот систем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот