Сивата економија, парафискалните давачки и вештините ги кочат бизнисите-Извештај на ЕК за економскиот напредок на државата

Работници на кородорот 8/Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Земјата е помеѓу умерено и добро ниво на подготовка во областа на економската и монетарната политика, оценува Европската комисија

Северна Македонија постигна одреден напредок и е на добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија, стои во годинешниот Извештај за напредокот на Европската комисија (ЕК) за 2023 година, објавен вчера. Но, како што е наведено, сивата економија, парафискалните давачки и нетранспарентната државна помош ги кочат бизнисите. Оценките за банкарскиот сектор се дека тој успешно се справил со изминативе кризи.
ЕК нотира дека во 2022 година економијата беше лошо погодена од последиците од руската агресивна војна против Украина, што значително го забави нејзиното закрепнување по ковид-19. Притоа посочи дека ка Владата ги поддржа домаќинствата и бизнисите преку големи енергетски субвенции, даночни намалувања и насочени директна поддршка на приходите.

Јавниот долг поголем од пред пандемијата

Во однос на јавниот долг, кој деновиве беше во фокусот на вниманието, ЕК констатира дека тој е значително над нивоата пред пандемијата.
„Поради зголемувањето на даночниот приход поттикнато од инфлацијата и недоволното извршување неколку категории расходи, дефицитот на Владата остана под ревидираната цел. Капиталните расходи беа значително зголемени, но сепак не беа во однос на ревидираниот план. Јавниот долг падна, но останува значително над нивоата пред пандемијата.

Централната банка дополнително ја заостри својата политика во однос на сѐ уште зголемените инфлациски притисоци, кои започнаа постепено да се намалуваат кон крајот на 2022 и 2023 година. Дефицитот на тековната сметка порасна значително бидејќи цените на увозот на енергија се зголемија, но потребите за надворешно финансирање беа задоволени со помош на пазарно задолжување и задолжување од ММФ – стои меѓу другото во сублиматот за економските достигнувања на државата.

Банкарскиот сектор беше отпорен во текот на кризите – се нотира во делот на постигнатите економски критериуми.

Висока младинска невработеност

Што се однесува до пазарот на трудот, ЕК порачува дека тој покажал одредено подобрување, но структурно проблемите опстојуваат, вклучително и висока младинска и долгорочна невработеност и голем родов јаз. Меѓу другото, Комисијата забележува дека деловното опкружување продолжило да биде попречено од големото присуство на неформалното економија, бавниот напредок во рационализацијата на парафискалните давачки и нетранспарентниот и неефикасен режим на државната помош.

„Дополнително се зголеми учеството на производите со висока вредност во извозот и трговската отвореност се искачи на рекордно високо ниво. Имаше дополнителен напредок во подобрување на стручната образовна обука, но големиот недостиг на вештини, подразбира долга транзиција од училиште до работа“ – стои во најновиот европски Извештај.

Дигитализацијата на економијата напредува, но конкурентноста на домашните бизниси може да се подобри преку поширока понуда на јавноста е-услуги.
„Севкупно, Северна Македонија е умерено подготвена во повеќето области опфатени со кластерот 3 за конкурентност и инклузивен раст, вклучително и дигитална трансформација и медиуми, оданочување, социјална политика и вработување, и претпријатија и индустриска политика. Земјата е помеѓу умерено и добро ниво на подготовка во областа на економската и монетарната политика. Постигнат е одреден напредок во однос на оданочувањето, економската и монетарната политика, претпријатијата и индустриска политика, наука и истражувачка политика, социјална политика и вработување“, заклучува Извештајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот