Сите учесници на Преспа форум дијалог се платеници на Заев

Џабир Дерала. / Фото: Слободен печат

Каква позитивна атмосфера! Па толку пофалби за дијалогот и за мирното решавање на конфликтите! Ужас! Вакво нешто не можеше да се замисли ни во најтешките кошмари за време на режимот на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ.

На Преспа форум дијалог се собраа повеќе од триста гости меѓу кои беа и премиери од регионот и високи државни претставници на САД и ЕУ, експерти, сегашни и поранешни челници на највисоките политички, безбедносни и финансиски институции. Наизглед, светски настан, успешен, со многу светски влијателни луѓе на едно место. Но, вистината е сосема поинаква. Еве го големото откритие: сите што беа на тој Преспа форум, сите тие се платеници на Зоран Заев! Да, да, точно е. Сите до еден, сосе премиери и други високи државни великодостојници.

Настанот, за кој се дознава дека бил грижливо планиран цела една година, не е ништо друго освен еден изолиран настан, обична журка. Заев продолжува со своите злодела на отворање на државата, на градење на македонските позиции во светот. Вистински предавник!

Не е точно дека македонската влада постави нови стандарди за надминување на спорови меѓу државите, како што некои таму од САД и од Европа се обидуваат да го прикажат тоа. Лажат.

Да се разбереме. Пријателството меѓу нациите е преценето. Војната, насилството, омразата и изолацијата се решенија за сите проблеми, а не дијалогот!

Каква позитивна атмосфера! Па толку пофалби за дијалогот и за мирното решавање на конфликтите! Ужас! Вакво нешто не можеше да се замисли ни во најтешките кошмари за време на режимот на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ. Да не се заборави, неговиот привремен крај беше означен со прекрасниот патриотски напад на Собранието на 27 април 2017. Значи, не така одамна за да биде заборавен тој славен момент во македонската историја! Зошто? За вакво нешто како Преспа форумот да не смее ниту да се замисли, а камоли да се оствари. Затоа се потребни ВМРО-ДПМНЕ и сите нејзини приврзоци и инсталации.

Навистина, неподнослива е оваа позитивна атмосфера што се шири од и околу владата на Заев и неговите белосветски платеници! Мора да се стави крај на прогресот!

Не е точно дека македонската политика во текот на изминатите четири години ќе биде запишана со светли букви во историјата. Напротив! Сѐ што е запишано со крв и со херојски подвизи и линч против неистомислениците и различните – тоа е вистинската историја за која гинат вистинските патриоти по кафани, теретани, Халкидики, Белизе и Кипар!

За таа крвава кауза да трае, вистинските патриоти се спремни да потрошат стотици илјади, па и милиони „Оливери“ евра. Па и бугарски пасош да земат! Тоа се вистинските патриоти! Не овој Заев и неговите белосветски платеници.

Патриотите се спремни некогаш и да кимнат со глава за членство во ЕУ и НАТО, но се разбира дека не го мислат тоа. Нивното политичко срце е во џебот на Путин. Во тоа треба да бидат сигурни сите што им веруваат на храбрите патриоти со бугарски пасоши и банкарски сметки надвор од Северна Македонија.

Ќе видите вие! Ќе дојде и тој ден. Светот ќе ги впери сите очи во Белата шампита, слушајќи и читајќи што има да каже и да напише партискиот естаблишмент на ВМРО-ДПМНЕ на чело со професорот на Машински факултет, Христијан Мицкоски, познат и по прекарот Татиниот математичар. Тогаш ќе видите дека Зоран Заев, всушност беше дел од мал, изолиран настан. Навистина, вратите на Преспа форум, како и на сите клучни политички настани и процеси овие четири години беа отворени и за ВМРО-ДПМНЕ. Но ВМРО-ДПМНЕ остана доследна – затворена во себеси и во својот патриотски мрак.

Преземено од Цивил Медиа

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот