Сингапурскиот премиер се повлекува од функцијата

Ли Хсиен Лунг / Фото EPA-EFE/JOEL CARRETT

Сингапурскиот премиер Ли Хсиен Лунг денеска соопшти дека на 15 мај се повлекува од функцијата, како што претходно имаше и најавено, и дека власта ќе му ја предаде на неговиот заменик и актуелен министер за финансии Лоренс Вонг, соопшти владината канцеларија.

Во соопштението се додава дека Вонг, кој има едногласна поддршка од пратениците од владејачката Партија за народна акција (ПАП) во парламентот на оваа островска град-држава, ќе положи заклетва истиот ден.

Ли Хсиен Лунг е премиер на Сингапур и претседател на ПАП од август 2004 година.

Тој во ноември минатата година објави дека ќе се повлече и го именуваше Вонг за негов наследник. Ли претходно планираше да се пензионира, но мораше да го одложи тогаш поради пандемијата со Ковид-19.

Ли изјави дека повеќе нема причина да се одложува предавањето на власта и дека инаугурацијата на Вонг за премиер пред националните избори следната година ќе му овозможи да го добие својот мандат.

Ли е најстариот син на Ли Куан Ју, кој беше првиот премиер на Сингапур и кој во своето 31-годишно владеење го изгради градот-држава, со сиромашни ресурси, во една од најбогатите нации во светот. Но, од друга страна, сингапурските власти, исто така, се критикувани за строгата медиумска цензура и употребата на угнетувачки закони и судски тужби против критичарите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот