Синдикатите на протест ќе ги охрабруваат судиите да го применат правото

Архива на СП

Сојузот на синдикати утре почнува со серијата протести која ќе кулминира на 1 мај. Синдикалците во првите 100 дена од новата влада очекуваат минималната плата од 450 евра да стане реалност, да се вратат трошоците за храна и превоз и да се склучат сите колетивни договори.

Со утрешниот предупредувачки протест поради Одлуката за одземање на Работничкиот дом, тие, како што рече вечерва претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, сакаат да ги охрабрат судиите во Врховниот и во Основниот граѓански суд, да го применат правото. Во меѓувреме, чекаат брза разрешница на барањето за повторување на постапката, но ако тоа не се случи до 1 мај, не гарантираат како ќе го манифестираат револтот и кои ќе бидат нивните следни активности.

Вториот протест, пак, закажан за 8 април, е поради неусогласување со минималната плата и со него ќе се испрати пораката, нагласи Трендафилов, дека никој не смее да биде оставен без зголемување на платите, особено сега, со покачувањето на цените и растот на потрошувачката кошничка.

Во гостувањето на ТВ Сител, Трендафилов потсети и дека на 1 мај, традиционално, ќе се одржи масовниот работнички протест.

„ССМ моментно води два процеса, едниот пред Уставниот суд, за заштита на правата на здружување и пред Основниот граѓанскиот суд, за повторување на постапката за конфискацијата на имотот. Најмалку што можат судиите да направат, е да ја исправат грешката. Работничкиот дом е симболот на работничкото движење на работниците во земјава и е стар повеќе од 70 години, го преживеал земјотресот, ќе ја преживее и оваа срамна одлука на Врховниот суд“, вели Трендафилов.

Како што изјави Трендафилов, за 30 години, колку што траат сите постапки за за конфискација на Работничкиот дом, ова е првата пресуда која е на штета на работниците и во насока да им се одземе тоа што го граделе од сопствените плати.

„Синдикатите се уште се таму и ќе бидат уште 70 години, било чиј обид спротивен на тоа ќе биде залуден. Решени сме до крај да ја тераме постапката и нема да отстапиме од нашите барања. Пресудата се темели на слободно судско убедување и на закон од 1998 година за здруженија и фондации. Тројцата судии ја злоупотребиле својата моќ и ја донеле оваа срамна одлука на штета на целото судстсво во земјава. Тие ќе имаат многу за  објаснување. Очекуваме и знаеме дека има разумни луѓе во Врховниот и во Основниот граѓански суд каде веќе имаме поднесено барање за повторување на постапката“, истакна претседателот на ССМ.

Тој повтори дека судиите со пресудата да се одземе Работничкиот дом, не прават „напад“ само врз синдикатите, туку и врз сите организации.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот