Сината тврдина го издржа црвениот бран, Десантис му ја грабна круната на Трамп

Рон ДеСантис / Фото: Giorgio VIERA / AFP / Profimedia

Најголем потенцијален губитник од изборите е Трамп, не само зашто кандидатите што тој директно ги поддржа не го постигнаа очекуваниот „триумф“, туку и поради огромната поддршка што на Флорида ја доби неговиот потенцијален ривал меѓу републиканците во трката за претседателските избори во 2024 година – популарниот гувернер Рон Десантис

Иако го изгубија мнозинството во Претставничкиот дом, демократите како голема изборна победа го прославуваат нерешениот исход од битките за контрола на Сенатот, особено откако ги совладаа републиканците на клучното бојно поле – сојузна држава Пенсилванија.

Пресвртот во односот на силите во Претставничкиот дом во полза на републиканците беше очекуван, бидејќи гласачите вообичаено на сите парцијални избори не ѝ изразуваат поддршка на партијата на актуелниот претседател. Така беше и во мандатите на поранешните претседатели Барак Обама и Доналд Трамп.

До вчера попладне, односот на силите во Сенатот беше 48-48, со мала разлика во гласови меѓу кандидатите во Аризона, Висконсин, Невада и Џорџија. Републиканските кандидати беа во блага предност во Невада и во Висконсин, демократскиот водеше во Аризона, а најнеизвесно беше во Џорџија, каде што 2 отсто од гласовите за кандидатот на либертаријанците придонесоа ниту еден од главните кандидати да не освои повеќе од 50 отсто од гласовите. При таков исход, демократскиот сенатор Рафаел Ворнок и републиканскиот предизвикувач Хршел Вокер повторно ќе се соочат на прегласување на 6 декември.

Рон ДеСантис и Доналд Трамп/ Фото EPA-EFE/DAN ANDERSON

Најголем губитник од изборите е Трамп, не само зашто кандидатите што тој директно ги поддржа не го постигнаа очекуваниот „триумф“, туку и поради огромната поддршка што на Флорида ја доби неговиот потенцијален ривал меѓу републиканците во трката за претседателските избори во 2024 година – популарниот гувернер Рон Десантис.

– Интересни резултати – коментирал кусо Трамп во импровизираниот партиски штаб во неговата приватна резиденција Мар-а-лаго на Флорида. Во обид да изгради стабилна и широка поддршка за нова кандидатура за Белата куќа, Трамп со 30 учества на митинзи и милиони долари поддржа вкупно 330 кандидати на републиканците за сенатори, конгресмени и за гувернери. Некои остварија победи во важните сојузни држави Охајо, Северна Каролина, Алабама и Мисури, но многумина неочекувано потфрлија.

Рецепт за фијаско од докторот Оз

Најголемото разочарување за Трамп, а и за републиканците воопшто, беше поразот на нивниот кандидат, популарниот телевизиски лекар Мехмет Оз, на изборите за сенатор од Пенсилванија. Сенаторското место го освои Џон Фетерман, со што демократите им ја „грабнаа“ на републиканците клучната сојузна држава каде што во 2024 година може да се решава и исходот од претседателските избори. Освојувањето на Пенсилванија им овозможи на демократите да останат во трката за мнозинството во Сенатот. Оваа сојузна држава веќе беше издвоена како главното бојно поле на парцијалните избори и во неа и републиканците и демократите концентрираа најмногу митинзи и најмногу пари.

Неуспехот на неговиот клучен кандидат, докторот Оз, му ги расипа плановите на Трамп во Мар-а-Лаго да биде „крунисан“ како иден претседателски кандидат на републиканците. Вториот удар пристигна од Флорида, каде што гувернерската функција со убедливо мнозинство гласови ја задржа попопуларниот републиканец Рон Десантис. Победата со 20 отсто од гласовите во „превртливата“ сојузна држава што неколку пати го решавала исходот од претседателските избори го лансираше Десантис не само како сериозен потенцијален претседателски кандидат поддржан од умерените конзервативци, туку и како посигурна опција од Трамп во очекуваниот директен дуел со актуелниот демократски претседател Џо Бајден во 2024 година.

Неколку часа пред да пристигнат резултатите од Флорида, Трамп оцени дека неговиот ривал би направил грешка ако реши да се вклучи во трката меѓу републиканците за претседателски кандидат.

– Не знам дали ќе се кандидира. Мислам дека ако се кандидира би можел многу лошо да помине. Навистина верувам дека тој може многу да се повреди. Не верувам дека тоа би било добро за партијата – изјави Трамп, во обид да ја задржи позицијата во центарот на Републиканската партија кон кој гравитираат и политиката и членството.

Почнува походот на Десантис

Десантис, пак, во триумфалното обраќање, остави впечаток дека воопшто не е вознемирен од предупредувањата на Трамп.

– Мојата борба тукушто почна. Уште две години! – им порача популарниот гувернер на своите симпатизери.

Трамп истакна дека нема никаков спор со новиот политички противник и се обиде да го минимизира како сериозен ривал.

– Тој е фин тип. Немам никаква кавга со него, а далеку сум пред него во анкетите – изјави Трамп.

Откако отслужи три мандати во Претставничкиот дом, Десантис стана гувернер на Флорида во 2019 година, кога Трамп беше во Белата куќа. За разлика од претседателот, кој ги охрабри и ги привлече кон себе поекстремните републиканци, Десантис се наметна како борец за традиционалните вредности на партијата и како можен лидер на умерените конзервативци.

Трамп најави дека брзо и остро ќе ја почне кампањата за претседателските избори. Тој најави „важна објава“ на 15 ноември на Флорида, која ја смета за „своја“ сојузна држава, но и во која Десантис победи со разлика каква што не остварил ниту еден републикански кандидат. Анонимен извор од штабот на Трамп изјавил за „Гардијан“ дека поранешниот претседател ќе тргне енергично и офанзивно во кампањата. Трамп дури и индиректно се закани дека би можел да го уценува својот потенцијален ривал со информации што не ѝ се познати на јавноста.

– За него знам работи што не се многу ласкави. За него знам повеќе од кој било друг, освен можеби од неговата жена – додаде Трамп.

Не се отфрла ни целосно можноста Трамп да го привлече Деасантис да му биде партнер во кампањата и кандидат за потпретседател на изборите во 2024 година.

– О, ќе ве известам многу скоро – одговори Трамп на прашањето кого ќе повика како партнер за изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот