Сиљановска: Патот за Брисел не смее да води преку Софија

Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Образложувајќи го ставот на опозицијата, на денешната собраниска седница за уставните измени, професорката Гордана Сиљановска Давкова во името на опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ појасни дека важна е суштината, но најважно е да се применат „Копенхашки критериуми“ и затоа ги бранат, бидејќи патот за Брисел не смее да води преку Софија.

Значи јас граѓани ве уверувам дека ние сме ваши претставници, дека ќе гласаме по сопствено уверување дека камбаните бијат за Македонија и дека крајно време е да покажеме дека сме пристојна европска држава која сака да оди кон патот на ЕУ исто како сите сегашни земји-членки. Не смее да има посебни критериуми и преседан за нас оти тоа ќе се одрази и на следните кандидати – истакна професорката Сиљановска.

Таа посочи дека овој предлог не треба да се поддржи, туку да се прашаат граѓаните на избори, бидејќи, како што вели, оваа власт е целосно делегитимирана.

Тоа што се бара е спротивно на европските вредности, без кои ЕУ нема да биде идеја, политички систем, пракса, туку машинерија на комесари собрани во комисијата, односно бирократи или меѓувладино тело на претседатели и премиери во советот. Кога го нема европскиот демос, тогаш нема влијание ниту европскиот парламент – порача Сиљановска.

Собраниската седница за уставните измени започна со задоцнување од повеќе од еден час, а пред почетокот имало координација на партиите при што било договорено на седницата да се обраќа по еден, а другите пратеници да не се јавуваат за збор.

Во Собранието почна процесот за уставните измени, не се знае како ќе заврши

Со 70 гласови „за“, 47 против и ниту еден воздржан на собраниската седница за уставните измени усвоен е предлогот на дневниот ред, односно точката за пристапување кон уставните измени. Во собраниската сала биле присутни 119 пратеници, но двајца воопшто не гласале, еден од владејачката коалиција и еден од Беса, а во салата не е присутен и еден пратеник од СДСМ.

Сиљановска во името на опозициската коалиција, обраќањето на собраниската седница за уставните измени го започна со критика до претседателот на Собранието Талат Џафери за кого кажа дека нема никаков смисол и разбирање за устав и патриотизам.

–Се однесувавте како Гари Купер, па дојдовте точно на пладне, иако требаше да почнеме во 11 часот – рече таа.

Сиљановска до Џафери: Се однесувавте како Гари Купер, па дојдовте точно на пладне

Претходно, обраќање пред пратениците имаше премиерот Димитар Ковачевски кој истакна дека предлогот за дополнување на Уставот е наш, македонски, поддржан од Европската унија и нашиот стратешки партнер САД. Тој има само една единствена релација и мотив, влез во ЕУ. Тоа што го бараат и очекуваат мнозинството граѓани во државата, ништо повеќе, ништо помалку, порача премиерот.

Ковачевски: Уставните измени се однесуваат на додавање народи, македонскиот народ останува уникатен и засебен

Во неговото обраќање, тој додаде дека со цела одговорност ги отфрла лажните и невистинити тези дека постои диктат од кој било, за што било, бидејќи предложените уставни измени се однесуваат единствено на додавање народи, а македонскиот народ останува уникатен и засебен.

Секој разумен и добронамерен човек знае и гледа дека конкретниот предлог нема негативно да се огласи на идентитет на државата. Најважно од се, уставните измени не загрозуваат ниту едно македонско идентитетско прашање. Предлогот не задира и не се однесува на кое било идентитетско прашање и тоа е целосно јасно на сите во државата и затоа денес кога ќе ги погледнете улиците на Скопје и сите други улици ќе видите дека се е мирно и граѓаните очекуваат одлука за својата европска иднина – истакна премиерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот