Силен раст на турската економија во третиот квартал

Турција
Турција/ Фото Архива на СП

Турската економија во третиот квартал порасна за 7,4 отсто во однос на истиот период минатата година, поддржана од силната побарувачка на потрошувачите, производството и извозот, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Споредено со претходните три месеци, турскиот бруто-домашен производ (БДП) порасна за 2,7 отсто помеѓу јули и септември, според сезонски и календарски приспособени статистики на статистичкиот завод, објавени во вторникот.

Заводот за статистика на Турција ги ревидираше податоците за растот на БДП за вториот квартал, што сега покажува дека економијата на таа земја скокнала за 22 отсто на годишно ниво, благодарение на силното закрепнување од кризата со коронавирусот.

Првата проценка на Заводот за статистика покажа раст од 21,7 отсто во вториот квартал.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган, кој силно се противи на повисоките каматни стапки, рече дека приоритет на владата ќе бидат економскиот раст, вработувањето и инвестициите.

Како дел од циклусот на монетарно олеснување за поддршка на економијата, турската централна банка ја намали основната каматна стапка за дури четири процентни поени од септември, на 15 отсто.

Економистите сметаат дека ваквите потези на банката се неразумни, со оглед на скокот на годишната инфлација во Турција на 20 отсто и остриот пад на вредноста на турската лира, која од почетокот на годината ослабе за огромни 43 отсто во однос на доларот, пишува Ројтерс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот