Што заложуваат Македонците? Овци, возила, хартии од вредност…

овци
Овци, Фото: Profimedia

Сепак, најмногу се заложуваат акции и удели во компании. Вредноста на најголем заложен удел во компанија е дури 480 милиони долари! Најголемиот залог на парично побарувања, пак, е во износ од 1,57 милиони денари

Како што може да се купи стадо овци или крави на кредит, така и животните може да бидат предмет на залог. Во Заложниот регистар што го води Централниот регистар, мора да се впише сè што е заложено, а е подвижна ствар, хартија од вредност, потоа заложени парични или други имотни побарувања чија вредност е изразена во пари, или пак, заложени интелектуални или други сродни права. Таму не се евидентира заложениот недвижен имот, а евиденцијата открива илјадници залози, сè и сешто. Така, од Заложниот регистар, на пример, може да добиете и информација за тоа дали возилото кое сакате да го купите е под залог или не.

Од Централниот регистар за „Слободен печат“ велат дека во Заложниот регистар што го водат, има регистрирани залози во повеќе валути, но најчесто во денари, евра и американски долари. Интересен и е фактот дека има 396 залози што се изразени во германски марки (кои веќе не се употребуваат), како и 3 залози во јапонски јени! Во Заложниот регистар во моментот се активни 30.468  залози, а нивната бројка варира во зависност од економската состојба во државата. Најголемиот дел од залозите односно 16.271 се во евра, а по нив следуваат оние во денари – 12.763.

– До ноември годинава, има 1.613 регистрирани залози, што е приближно на 2018-та, кога имало 1.988 вакви залози. Највисока бројка е забележана во 2019 година – 2.474 залози. Најголемата вредност на  побарување обезбедено со залог е 1,6 милијарди УСД, а се работи за залог на удел на странско правно лице во македонско правно лице – набројуваат од ЦР.

Според податоците од Заложниот регистар, најмногу се заложуваат акции, удели во компании, а вредноста на таквиот најголем удел е дури 480 милиони долари, а втор по големина ист таков удел е со вредност од 350 милиони евра. Најголемиот залог на парични побарувања е во износ од 1,57 милиони денари. Од ЦР не ги откриваат имињата на компаниите што ги запишале овие залози. Централниот регистар издава исправа за извршен упис во Заложниот регистар веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето. Доколку должникот не го врати долгот, доверителот има право да го активира залогот и така да се намири. За престанокот на заложното право се издава исправа, во писмена или електронска форма според прописите.

Што се обезбедува со залог?

Во Законот за договорен залог е објаснето што се обезбедува со залог.

„Со залогот се обезбедуваат парични и друг вид побарувања, чија вредност е изразлива во пари, што доверителот ги има во однос на својот должник од одреден облигационен однос. Покрај побарувањата од ставот 1 на овој член со залог се обезбедуваат и побарувањата на иматели на обврзници што ги имаат во однос на издавачот на обезбедените обврзници, издадени во согласност со законот со кој се уредуваат хартиите од вредност. Побарувањата обезбедени со залог, ако не бидат исполнети во рокот на нивната пристигнатост, заложниот доверител нив може да ги намири од вредноста на предметот на залогот или под услови и начини предвидени со овој закон“, пишува во Законот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот