Што се крие зад ненадејното разрешување на кинескиот министер?

Чин Ганг / Фото EPA-EFE/THOMAS PETER / POOL

Пред пет недели, светот ја следеше средбата меѓу кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг и американскиот државен секретар Антони Блинкен во Пекинг, на разговорите меѓу двете светски сили. Но, ако се обидете да побарате нешто за тој настан на интернетот, а особено ако пребарувате на официјалната веб-страница на кинеското Министерство за надворешни работи, нема да најдете ништо.

Сите активности на Чин се целосно избришани од евиденцијата по ненадејната реорганизација на кинеските власти, што резултираше со замена на Чин од неговиот претходник Ванг Ји.

Чин Ганг и Ентони Блинкен / Фото EPA-EFE/XINHUA / Zhai Jianlan

Отстранувањето на Чин од позицијата следеше по неколкунеделни прашања и шпекулации за неговата судбина, откако тој „исчезна“ од очите на јавноста на крајот на јуни без јасно објаснување.

Последниот пресврт во сагата е целосното бришење на краткиот, шестмесечен мандат на Чин како министер за надворешни работи и неговата замена со Ванг, кој беше на оваа функција околу една деценија пред да биде сменет минатата година. Ова само ја продлабочува мистеријата, пишува „Си-Ен-Ен“.

Ванг Ји/ Фото EPA-EFE/ANGELO CARCONI

Сè уште не се знае каде се наоѓа Чин, причината за неговото отпуштање и неговата крајна судбина како член на Кинеската комунистичка партија. Ваквите ситуации се вообичаени во Кина, каде политичкиот систем е познат по својата тајност и стана уште повеќе под кинескиот лидер Си Џинпинг.

Во минатото, високи кинески функционери исчезнувале од очите на јавноста за да се појават неколку месеци подоцна во изјави дека се под тајна дисциплинска истрага.

Сепак, околностите што се појавија во последните недели околу Чин, нашироко гледан како доверлив сојузник на Си и еден од најпрепознатливите кинески функционери како лице на кинеската надворешна политика и поранешен амбасадор во САД, ги ставија овие карактеристики на кинеската политичка систем во глобален фокус.

„Недостатокот на транспарентност е веќе добро познато прашање за кинеската бирократија“ вели Јун Сун од кинеската програма во Центарот Стимсон, тинк-тенк со седиште во Вашингтон. „Брзата замена сигурно не се одразува добро на Си. Во најмала рака, луѓето ќе прашаат што тргнало наопаку и што ја направило неопходна замената. Но, исто така, сугерира дека причината мора да биде сериозна за Чин да се отстрани“, додаде таа.

Назначувањето на Чин за министер за надворешни работи минатата година, пред поискусните кандидати, се сметаше за знак на длабоката доверба што му ја дава Си, кој ја консолидираше моќта со инсталирање на своите блиски сојузници во раководството на Кина додека влегува во трет мандат како лидер.

„Широко се верува дека Си има многу тесен круг на луѓе со кои се консултира, а тоа се заснова на прекумерна самодоверба и одлучување врз основа на неговите сопствени инстинкти“, рече Бони Глејзер, директорка на Индо-пацифичката програма на германскиот Маршал Фонд. „Чин е негов штитеник, така што ова нужно ќе се одрази лошо на Си. Сепак, тоа не значи дека оваа епизода ќе биде предизвик за неговата моќ“, рече таа.

Откако веста за промената на раководството беше објавена во кинеските државни медиуми во вторникот вечерта, огромниот кинески апарат за контрола на јавната дебата за политичките и општествените настани стапи во целосна сила.

Си Џипинг и кинески генерали / Фото EPA-EFE/XINHUA / Li Gang

Коментарите на социјалните мрежи поврзани со отстранувањето на Чин беа цензурирани на популарната кинеска апликација Веибо. Само оние со верификувани профили можеле да коментираат за оставката, а тоа се главно државните медиуми или владините агенции, а објавите се без видливи коментари од останатите корисници.

„Официјални медиумски извори веројатно ќе ја пропагираат идејата дека највисокото раководство мудро сменило висок функционер кој направил грешка“, рече Ли Мингјанг, професор по меѓународни односи на технолошкиот универзитет Нанјанг во Сингапур.

Во зависност од тоа какви дополнителни информации ќе бидат објавени за околностите околу смената на Чин, кинеските медиуми „секогаш можат да ја вртат приказната и да кажат дека ова е пример за решеноста на партијата да преземе строги дисциплински мерки секогаш кога ќе се утврди дека висок функционер направил нешто погрешно“ додаде Ли.

Сè уште не е јасно кога и дали ќе бидат објавени дополнителни информации за причините за смената на Чин, а информациската празнина е пополнета со разни гласини и шпекулации. Кога претходно овој месец бил прашан зошто Чин не учествувал на дипломатскиот собир, портпаролот на министерството наведе „здравствени причини“.

Во моментов, Чин се чини дека ја задржал својата внатрешна, високо рангирана административна функција како државен советник.

Чин Ганг / Фото EPA-EFE/MARK R. CRISTINO

Сепак, набљудувачите на елитната политика во Кина велат дека молкот за причините за неговата смена и бришењето од веб-страницата на министерството упатуваат на политички причини, кои може да станат појасни во наредните месеци доколку се појави официјално соопштение за истрагата против него.

„Пекинг ја задржува флексибилноста во донесувањето одлуки. Мислам дека најавата за тоа што се случи нема да биде објавено наскоро. Пекинг ќе чека додека луѓето речиси не заборават да избегнат поголемо внимание“, рече Сан во Вашингтон.

Реконструкцијата во Министерството за надворешни работи доаѓа во особено чувствителен момент во меѓународните односи на Кина. Пекинг се обидува да ги стабилизира заладените односи со САД и да и се додворува на Европа, која е сè посомнителна во блиските врски на Кина со Русија среде војната во Украина.

И додека мистериозното исчезнување и отстранување на Чин создава непријатна слика на меѓународната сцена, тоа исто така ја враќа надворешната политика на Кина во рацете на искусен ветеран кој ја извршувал оваа улога од 2013 до 2022 година.

Кога беше прашан за Чин и Ванг на прес-конференцијата, американскиот дипломат Блинкен рече дека САД ќе соработуваат со „релевантни кинески соговорници“ за да разговараат за односите меѓу САД и Кина.

„Исто така, го познавам Ванг Ји повеќе од десет години. Се сретнав со него неколку пати во својство на државен секретар, вклучително и неодамна во Џакарта, и очекувам дека ќе работиме добро заедно, како што беше и во минатото “, рече Блинкен, истакнувајќи дека му „сака сѐ најдобро“ на Чин.

Во последниве години, Ванг беше познат по својот борбен став, но тој исто така се сметаше за вешт дипломат кој редовно има задача да се справи со најтешките дипломатски прашања на Кина и да се сретне со блиските сојузници, вклучително и посетата на Москва во февруари за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

Ванг Ји и Ентони Блинкен/ Фото Xinhua / Eyevine / Profimedia

И покрај тоа што достигна стандардна возраст за пензионирање за време на петгодишната реконструкција на раководството во октомври минатата година, Си го задржа на функцијата и подоцна го унапреди во улогата на врвен кинески дипломат.

Се чини дека тој сега ќе ја извршува таа функција како и неговата стара, аранжман за кој Виктор Ших, директор на Центарот за кинеска историја на 21-от век на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, сугерира дека може да биде привремен додека на Ванг му дава време да маневрира во текот на следните неколку месеци, што би можело да ја вклучи и посетата на Си на САД во ноември на економскиот самит.

Сепак, неговото назначување игнорира голем број квалификувани кандидати, според Виктор Ших, што „сугерира дека највисокото раководство не е сигурно за добар наследник и избра безбедна опција и пар стабилни раце“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот