Што прави денеска: Давор Стојановски, писател, поет и музичар

давор стојановски
Давор Стојановски / Фото: Моника Стојановска/Приватна архива

Давор Стојановски е современ писател, поет, преведувач и музичар. Со неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната“ влезе во изборот за Роман на годината, а со својот втор роман „Собирачи на пепел“ во 2016 година ја освои првата награда.

Никогаш не се врзувал за еден книжевен жар, неговите дела се застапени во бројни домашни и странски антологии и книжевни списанија, а за истите добил и престижни признанија. Покрај пишувањето се занимава и со превод, а пловеше и во музичките води како член на бендот „Foolish Green“. Денес е татко на две деца, а живее и работи во Австрија.

давор стојановски
Давор Стојановски / Фото: Моника Стојановска

Го прашавме како отприлика изгледа еден негов ден, па еве што ни откри Давор…

„Денот обично ми почнува околу 7 часот. Времето најточно го одредуваат децата, станувам кога стануваат тие. Порано, кога имав поразличен ритам на живеење, будењето секогаш ми носеше некакво насетување на инспирација, некаква креативна полетност, требаше да се зачува дел од чудесната свежина до крајот на денот и во одреден миг да се искористи потенцијалот. Така е и сега, со мала разлика, вообичаените семејни и домашни обврски одземаат дел од времето и го преобликуваат, а постојаните неочекувани пресвртници во светот, бесмислените агресии недалеку од нашите домови ме полнат со нови прашања, па полетот и занесот спласнуваат, се вземјувам и сѐ помалку го наоѓам поранешниот вознес на будењето.

Меѓутоа, додека ги подготвуваме децата за новиот ден, секоја нова интеракција со нив, секое соочување со нивната невиност и беспоштедна добрина во мене одново ја враќаат вербата во човечноста, а стравот некако се вјармува, злото од светот, колку и да се наталожило во мене, пак испарува. Штом ја однесам ќерка ми во градинка, се враќам дома и се посветувам на работата, преводот на неколкуте книги на кои им се посветувам беспоштедно и со искрена радост од убавината да се пренесе смислата од еден во друг јазик.

давор стојановски
Давор Стојановски / Фото: Приватна архива

Периодов почнува да се стоплува, па кога правам пауза одам во дворот и го средувам и расчистувам од трагите на зимата, се подготвувам за пролетта, физички и духовно. Живеам опколен со природа, во приградско место близу Клагенфурт и сѐ повеќе се пронаѓам дека сум на правилното место, далеку од бучавата, толпата и брзината на градскиот живот, тука најубаво им се посветувам на нештата што најмогу ми значат.

Уште од почетокот на годината се одморам по макотрпниот период поминат на пишувањето на мојот последен роман, „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“. Работата на овој роман ми беше особено предизвикувачка, но на крајот сум задоволен од конечниот резултат и сега полека правам планови за промоција на книгата, која веројатно би се случила во мај, кога повторно планирам да дојдам во Скопје.

давор стојановски
Давор Стојановски / Фото: Приватна архива

Колку што е важна инспирацијата, толку потребна е и експирација: таа се случува во ноќните часови кога читам, гледам филм или серија и, секако, кога слушам музика (таа е постојано во заднината на моето секојдневје). Иако бавно ми одат подготовките, последниве денови ѝ се посветувам и на работата на моите музички композиции. Процесот е неверојатно бавен, но тоа не ми пречи, секогаш сакам во прв план да е квалитетот, без оглед на временскиот влог.

На крајот, ноќе, понекогаш соочен со ноќното небо и со губењето на јаснотијата и на границите, повторно му се враќам на она утринско чувство и сфаќам дека не исчезнува, туку дека утринската полетност и натаму опстојува. Креативниот занес, без оглед на сите тегоби што ги носи иднината, без оглед на сите напори, обврски и изискувања на новиот живот, останува и си го бара патот да излезе. И сфаќам дека не е важно какви се пречките што ти стојат пред остварувањето на целите, туку со кого ја имаш среќата да ги пребродуваш.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот