
Што ќе се мери во воздухот над Трубарево – никел, арсен, олово, кадмиум, жива
Професор доктор Дејан Мираковски раководител на акредитираната лабораторија за животна средина „Амбикон“ која е задолжена да го мери квалитетот на амбиенталниот воздух после катастрофалниот пожар во Трубарево во кој изгоре непознато количество на електронски отпад, во изјава за „Слободен печат“ објаснува дека она што ќе се мери на подрачјето кое беше опожарено, се метали кои се регулирани со директиви – никел, арсен, олово, кадмиум и жива во воздухот.
Препорачано
Но, проблем е што ниеден надлежен орган не излезе со информација колку тони и каков конкретно отпад е изгорен во катастрофалниот пожар, а од тоа зависи периметарот на кој подоцна ќе треба да се вршат испитувања на почвата и на водата. Периметарот зависи од тоа колку тони отпад изгореле и од неговиот состав. Станицата што ќе го мери амбиенталниот воздух односно металите во него ќе работи наредните 5 денови. Првични резултати уште нема ниту Мираковски. Вели дека станицата моментално се поврзува за интернет. Станувало збор за акредитирана американска опрема и врвни рентгени какви што има во институтот „Демокритос“ во Атина.
Во текот на вчерашниот ден во близина на опожарениот склад за електронски отпад била поставена индикативна станица која во реално време покажува бројки. Двата инструменти имаат филтри за анализа кои треба да покажат дали металите „се покачиле“ во воздухот или не. Ќе се мерат вредностите на 32 елементи – натриум, магнезиум, алуминиум, силициум, калциум, хлор па се до ураниум. Референтните вредности се дефинирани со правилници за квалитет на воздухот и во нив има неколку од овие метали кои се споменати – олово, никел, арсен, кадмиум и жива. Не се очекува резултатите да бидат познати барем 7 дена, затоа што акредитираната метода за мерење на квалитетот на воздухот бара подолг период на подготовка на филтрите, нивно поставување, враќање во лабораторија итн.
Анализите за полиароматични јаглероводороди ќе се пратат во странство, или во Франција или во Австрија.
Во моментов, според Мираковски во Скопје се мери концентрацијата на полиароматични јаглероводороди во Центар и во Карпош. Тоа е збир на органски елементи што се многу – илјадници и се резултат на горење на органски материи. Ги има многу кога гори пластика. Бензоатиренот е еден од нив и е штетна супстанца.
-Идејата е да го споредиме Трубарево со другите делови на Скопје, дали се „дигнати“ металите во воздухот и врз основа на тоа да дадеме информација до Министерството, вели професор доктор Мираковски.
Според него, почвата и бунарите мора да продолжат да бидат под анализа, за тоа што е „паднато“ после пожарот врз нив.
Обвинителството презема дејствија и проверки за тоа колку тони отпад биле складирани во објектот што изгоре. Таа информација не е позната за јавноста која викендов, особено скопјани беше изложена на густ црн чад од пожарот кој чадеше повеќе од 10 часа.
На Клиниката за токсикологија во Скопје, првично беа примени четири пациенти од Трубарево, но во моментов има само една пациентка, која е во добра состојба. Таа била примена со гушење и вртоглавица на почетокот кога била примена во болницата.
Лекарите токсиколози кои ги консултиравме, за „Слободен печат“ велат дека фактот што не е јасно и прецизно познато што точно имаше во складот за отпад многу отежнува во проценката на идните последици врз здравјето на населението. Тие неофицијално ни рекоа дека едни се последиците ако гореле литиумски батерии, а други ако гореле телевизори.
-Како што кажуваа дека температурата на горење била 500 степени, тогаш ако гореле литиумски батерии, ослободени се водород сулфит и флуородна киселина. Колку и како е, никој не знае. Нема податоци за тоа колкава количина изгорела и што е точно. Пластиката кога гори дава многу црн чад. Пластиката пушта таков црн чад, но дали е полиуретан или цијаниди – отровно е сè тоа. Но мора да знаеме колку. Без да ни дадат концентрации што ги мерат, не може да се каже какви штети ќе настанат. Иритирачки делуваше, пациентите кажуваа дека кашлале, ама не може да се даде точна анализа со толку малку информации, изјави за „Слободен печат“ доктор специјалист по токсикологија вработен во Клинички центар „Мајка Тереза“ Скопје.
Според досегашните информации, освен тоа дека не е детектирана радијација и дека има хемиска контаминација – конкретни цифри и параметри на измерените вредности нема соопштено ниедна институција. Обвинителството на прашање на „Слободен печат“ утринава одговори дека резултатите од Министерството за животна средина до нив уште не се испратени.
Електричниот и електронскиот отпад има карактер на опасен отпад и според Законот за управување со отпад не може да се мешаат со други типови на отпад затоа што содржат отровни и многу често канцерогени супстанци, многу опасни за човековото здравје, животната средина и за нашата планета.