Што е туберкулоза и кои се нејзините симптоми?

бели дробови
Фото: Профимедиа

Се веруваше дека оваа болест ќе биде искоренета во 21 век. Меѓутоа, таа сè уште одзема милиони животи.

Секоја година, 10 милиони луѓе во светот се разболуваат од туберкулоза, од кои повеќе од милион се деца, а умираат околу два милиони луѓе годишно.

Стариот термин за туберкулоза – фтиза (phtisis), потекнува од Хипократ во 460 година п.н.е. и ја означува најраспространетата болест од тоа време. Некои научници веруваат дека белодробната туберкулоза е најстарата болест на човештвото, бидејќи нејзините траги се пронајдени и на египетските мумии.

Туберкулозата може да се развие како болест на белите дробови или на кој било орган. Туберкулоза (ТБ) – меѓународна кратенка, е водечка причина за смрт од сите заразни болести предизвикани од бактерии.

Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи туберкулозата за „Глобална светска опасност“ во 1993 година, а во 2006 година беше креиран Глобалниот план за стопирање на туберкулозата со цел нејзино сузбивање и искоренување.

За жал, оваа болест сè уште е присутна, најмногу поради тоа што често е надоврзува на ХИВ инфекцијата, а и поради појавата на мултирезистентна туберкулоза.

Туберкулозата е првенствено болест на сиромашните и неразвиените земји. Околу 95 отсто од новодијагностицираните случаи и 99 отсто од смртните случаи од туберкулоза се случуваат во неразвиените и земјите во развој.

Од 1650 до 1900 година оваа болест била причина за смрт на секое петто лице во Европа.

Што е туберкулоза и кои се нејзините симптоми?

Туберкулозата е заразна, епидемиска болест предизвикана од бактеријата Mycobacterium tuberculosis.

Причината за туберкулозата е откриена на 24 март 1882 година од германскиот лекар и микробиолог Роберт Кох, па затоа овој бацил се нарекува и Кохов бацил. Во 1905 година, Роберт Кох ја доби Нобеловата награда за ова откритие. СЗО го прогласи 24 март за Светски ден на туберкулозата.

Болеста главно е локализирана во белите дробови, но може да зафати и други органи, а во тој случај се работи за туберкулоза надвор од белите дробови која најчесто ги зафаќа: белодробната марамица, лимфните жлезди, кожата, мозокот, мозочните мембрани, бубрезите, цревата, очите, коските, итн.

Особено тешка форма на болеста е милијарна туберкулоза. Тогаш бактериите се шират низ крвотокот од белите дробови и ги зафаќаат и другите органи. Оваа форма на болеста е една од најтешките, а стапката на смртност е околу 30 отсто дури и кога се лекува.

Смртоносната форма, особено кај невакцинираните деца е и туберкулозниот менингитис. Ниту коскено-зглобната туберкулоза не е искоренета.

Заразата не значи и болест, а само кај 10 отсто од заразените, се развива и болест – активна туберкулоза. Дали ќе дојде до инфекција и болест зависи, од една страна, од самиот предизвикувачки агенс (неговата заразност), а од друга страна, од отпорноста на организмот што доаѓа во контакт со бацилот.

Најчестите симптоми на туберкулоза се целосно неспецифични и можат да бидат минимално изразени долго време, па пациентите не одат на лекар. Затоа ова е многу подмолна болест.

Најчести симптоми се: малаксаност, губење на апетитот и слабеење, зголемено потење во текот на ноќта, зголемена телесна температура, со кашлица која најчесто е сува и упорна, а поретко проследена со искашлување на слуз, гној или крв.

Симптоми на белодробната туберкулоза се: кашлица што трае подолго од 2-3 недели, температура, ноќно потење, губење на апетитот, губење на телесната тежина, искашлување крв.

Отежнато дишење може да биде присутно ако болеста е во напредна фаза, а болките во градите се појавуваат ако е зафатена белодробната марамица. Ако се зафатени други органи, болеста се манифестира со тешкотии поврзани со нив.

Дополнителни симптоми кои можат да бидат поврзани со туберкулоза:

– при слушање со стетоскоп се слуша изменет шум на дишење
– прекумерно потење
– отечени лимфни жлезди
– болки во зглобовите
– губење на слух
– дијареја (пролив)
– болки во градите

Кај децата, дополнителни симптоми вклучуваат:

– зголемена телесна температура 38-39 степени Целзиусови
– забрзано дишење
– недостаток  на здив
– кашлица

Фактори на ризик за туберкулоза се сите имунокомпромитирани состојби, неухранетост, консумација на цигари, злоупотреба на алкохол и/или дрога, ХИВ инфекција. Исто така, туберкулозата најчесто ги погодува социјално ранливите категории на население, затворениците и луѓето кои живеат во заедница со болен од туберкулоза.

Пациентите со белодробна туберкулоза, кога кашлаат, киваат и зборуваат, исфрлаат капки во околниот воздух кои содржат бацили на туберкулозата. Лицето кое престојува во истиот простор може да се зарази со вдишување само неколку од овие бацили, а ризикот од инфекција е најголем меѓу членовите на семејството на пациентот.

Се препорачува сите лица кои кашлаат повеќе од три недели да направат рендген на белите дробови за да се исклучи туберкулоза или друга болест на белите дробови. Кашлањето крв често е причината поради која пациентот оди на лекар.

Фактори на ризик за настанување на туберкулоза се сите имунокомпромитирани состојби, неухранетост, консумација на цигари, злоупотреба на алкохол и/или дрога, ХИВ инфекција.

За да се спречи ширењето на инфекцијата, важно е пациентот да се лекува во болница во периодот кога е заразен за околината, просториите често да се вентилираат и да се води хигиена на дишните патишта (користење хартиени марамчиња при кивање и кашлање, користење маски).

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот