Штекли преживеа и пукања и бомба, но не е психички спремен за судење

Скопјанецот Раде Трајковски – Штекли, кој е обвинет за продажба на кокаин и марихуана, главно низ Аеродром, преживеа два напада со пиштол во трговскиот центар „Ист гејт“ и една бомба фрлена во неговиот двор, но сега не е психички способен да го следи судскиот процес што се води против него, а требаше да почне вчера.

Тој заврши в болница, откако, според нашите информации од затворот во Шутка, најверојатно имал епилептичен напад и непосредно пред судењето од притворското одделение во Шутка стигнал допис до судот дека Штекли е на неврологија бидејќи бил неконтактибилен и дезориентиран во сите правци.

Според дописот од затвор, Трајковски имал такви напади и претходниот ден, пред судењето. Судијата што го води судењето, Илија Трпков, најпрво пред јавноста кажа дека Штекли со Брза помош бил однесен на Клиниката за неврологија и чекаше да заврши прегледот повеќе од половина час за да почне судењето. Но, по повеќе од час и половина Штекли го немаше во судница и судијата кажа дека Штекли, всушност, уште не бил однесен во болница оти се чекала полициска асистенција.

Штекли однесен на Неврологија – бил неконтактибилен и дезориентиран

– Од затворот „Скопје“ добивме информација дека обвинетиот Трајковски сè уште не е пренесен во болница бидејќи чекале асистенција од МВР за да можат да го однесат. Чекале началникот на СВР Скопје Сашо Топаловски да потпише наредба да дојде полициска асистенција да го однесе во болница – рече судијата Илија Трпков.

Откако судењето беше одложено за во август, од затворот „Скопје“ ни потврдија дека околу 13.30 часот Штекли бил однесен на Ургентен и дека најверојатно имал епилептичен напад. Но, освен денешните напади и барања за одење во болница, адвокатот на Штекли, Сашко Дуковски, доставил психијатриско вештачење дека Штекли не е психички способен да го следи судењето.

Но, обвинителката Верица Бержецка-Крстева од судот побара денеска во притвор во Шутка да го посетат психијатри и да направат дополнително вештачење дали Штекли е или не е психички способен да го следи судењето. Како што брифираше обвинителката, судот треба на подготвително рочиште да одлучи дали ќе прифати некое од вештачењата или ќе бара супер вештачење.

Штекли тврдел дека не е психички способен да го следи судењето – наместо во болница во затвор чека полициска асистенција

Штекли и уште девет лица се товарат за продажба на марихуана и кокаин на територијата на Скопје. Инаку, Трајковски беше приведен на 19 јануари годинава, а следниот ден му беше одреден и 30-дневен притвор, кој му беше продолжен по поднесувањето на обвинението.

Истрагата против групата на Штекли почна со 15 осомничени, за на крајот да стигне до 17 лица. Актуелната бројка од 10 лица во обвинителниот акт е затоа што во меѓувреме седум од осомничените се спогодија со Обвинителството и добија затворски казни од три до три години и шест месеци во зависност од степенот на инволвираност во кривичните дела.

– Во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година обвинетите како повеќе лица се здружиле во криминална група што на територијата на Град Скопје се занимавала со неовластена трговија со наркотични дроги – кокаин и марихуана. Врз основа на прибавените докази во истражната постапка, утврдено е дека групата била јасно структурирана и имала строго дефинирани улоги меѓу членовите – од набавка и складирање, до пакување, транспорт и продажба на дрогата. Дрогата била складирана во специјално изнајмени станови, а потоа во помали количини дистрибуирана и продавана на наркопазарот, по утврдени цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Парите од продажбата се предавале на првообвинетиот, кој како награда дел од парите им давал на другите обвинети, а воедно им давал и насоки за проширување на мрежата на препродавачи. Членовите на групата користеле мрежа на препродавачи и посредници од кои седуммина опфатени во овој предмет ја признаа вината и се спогодија со Обвинителството и притоа добија затворски казни – соопштија од ОЈО ГОКК.

Трајковски во изминатите две години, пред да биде уапсен, преживеа неколку обиди за негова ликвидација. Во него беше пукано во „Ист гејт“, а беше фрлена и експлозивна направа во дворот од неговиот дом во скопската населба Ќерамидница. Освен за Штекли, Обвинителството поднесе обвинение и за групата „Беланоца“ односно за лидерот на групата Фатљум Ајети Тоте, кој од затвор нарачал четири убиства.

– Раде Трајковски Штекли и Беланоца/Барон имаат меѓусебна комуникација. Лојалност меѓу нив нема и не прават заедно кривични дела – тврдеа од ОЈО ГОКК. Групата на Штекли ја криела дрогата на градежно земјиште во државна сопственост. Дрога продавале и на интернет, но најчесто во кафуле во Аеродром без за тоа да знае сопственикот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот