
Шерон Стоун откри дека го платила хонорарот на Леонардо Дикаприо: „Молев да го ангажираат и на крај самата го платив“
Холивудската ѕвезда Шерон Стоун откри дека лично го платила хонорарот на Леонардо Дикаприо за неговата улога во филмот „Брзи и мртви“ (1995), бидејќи филмското студио не сакало да го ангажира. Оваа изненадувачка приказна глумицата ја сподели во својата книга „Убавината да живееш двапати“ (The Beauty of Living Twice).
Препорачано
Во периодот меѓу неговиот прв филм „Што го мачи Гилберт Гејп“ (1993) и култниот „Титаник“ (1997), Дикаприо веќе беше номиниран за Оскар, но не успеа да добие голема улога. Стоун, која во тоа време била и продуцентка на филмот, раскажува дека младиот актер ја воодушевил на аудицијата.
„Бев сигурна дека Лео е совршен за улогата, но студиото „TriStar Pictures“ не сакаше ни да слушне за него“, напиша таа. „Ми рекоа дека повторно си подметнувам нога и дека не веруваат дека тој е добар избор. Им велев да го ангажираат, молев, но ми рекоа ако толку го сакаш, плати го сама. И тоа и го направив.“
Стоун открила дека дел од сопствениот хонорар го уплатила на Дикаприо, со што му овозможила да ја добие улогата во вестернот кој подоцна стана култен.
Но тоа не било единствената битка што ја водела со студиото. Таа морала да се избори и за режисерот Сем Рејми, кого продуцентите го сметале за „лош избор“.
„Им велев дека е одличен режисер и дека ќе работи речиси бесплатно, само за да биде дел од проектот. На крајот, неволно се согласија“, напишала Стоун во своите мемоари.
Филмот „Брзи и мртви“ денес се смета за еден од култните вестерни на 90-тите, а оваа приказна уште еднаш потврдува колку упорноста и визијата на една актерка може да го промени текот на филмската историја.