Шефот на украинската дипломатија: Уморен сум да го убедувам Западот дека треба да донесе силни и конкретни одлуки
Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, изјави дека е уморен од тоа секогаш да мора да ги убедува западните сојузници дека треба да донесат брзи, конкретни и силни одлуки за да ја поддржат неговата земја против Русија.
„Слушам зборови на солидарност. Меѓутоа, сега мора да се донесат силни и конкретни одлуки за зајакнување на украинската одбрана“, рече Кулеба, враќајќи се од министерскиот состанок на НАТО во Брисел.
Кулеба зборуваше преку видео врска на конференција организирана од Францускиот институт за меѓународни односи.
„Во НАТО имав само една тема за разговор: „Патриот“, тие ракети што се користат во воздушната одбрана, кои на Украина очајно и требаат за да се спротивстави на руските напади, рече Кулеба.
„Моите колеги ме поддржуваат, но тие ми велат – тоа што го барате е комплицирано“, додаде украинскиот министер, наведувајќи дека доколку министрите за надворешни работи поминеа една ноќ во Харков, немаше да кажат дека е „комплицирана“.
Кулеба рече дека му здосадува секогаш да мора да убедува кога се е очигледно.
Украинскиот министер ги повика сојузниците на Киев сериозно да го сфатат она што го рече францускиот претседател Емануел Макрон дека „војната во Украина е егзистенцијално прашање“ за цела Европа.