Северномакедонска зелка

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Ако можеме Македонците да ги нарекуваме Северномакедонци, и тоа многу пошироко во светот, не само во Скандинавија, тогаш зошто и една проста зелка не би можела да биде северномакедонска? Посебно ако тоа го правите со увереност дека не сте ја изгубиле смислата за добар вкус и – коректно изразување.

Прост како грав. Или можеби како зелка, би рекле многумина, сакајќи да омаловажат некого или нешто, да ја означат неважноста на нештата. Но, токму зелката, без оглед на проблемите со пласманот на високите приноси, и без оглед на постојаните незадоволства на земјоделските производители поради ниските откупни цени, е тој „прост и строг“ производ од македонското поднебје, препознатлив со години наназад како таков во продажните мрежи во западноевропските земји, и пошироко на пазарот во ЕУ.
Тоа е неоспорната и проста вистина, која не само што не го намалува, туку го зголемува значењето на овој потценет „прост“ производ, што го прави македонскиот извоз препознатлив на европскиот пазар. И пред и по Преспанскиот договор.

Зелка од Македонија. Токму со таква реклама ова едноставно листесто растение, со своите нежни и сочни листови, за разлика од тврдата како корупка зелка од насадите во Северна Европа, со реален ризик да поткршите некој заб доколку посилно ја загризете, продолжи во изминатите неколку години да се продава во скандинавските земји, иако одредбите од Преспанскиот договор веќе нашироко почнаа да се применуваат во меѓународни рамки.

Сè додека не уследиле веројатно малку поизразени протести на незадоволни консументи Грци, или додека некој не се сетил дека е време да се почне со употреба на новото државно име. Еден од најголемите синџири на супермаркети во Шведска, Coop, од неодамна го смени името на земјата на потеклото, така што сега над сандаците со македонска зелка стои Северна Македонија, односно слеаната форма Nordmakedonien.

И, како што веќе се случува без никаков проблем, продавачите и потрошувачите лесно ќе се „преориентираат“ на користење на новото државно име, бидејќи истата зелка за нив и понатаму ќе биде вкусна и ќе продолжи да биде посакуван производ, независно што за многумина сега ќе заживува како северномакедонска во секојдневната комуникација.
За еден Швеѓанец или Данец не е посебно важно дали нешто е македонско или северномакедонско, вклучувајќи ја и кутрата и проста зелка што овде ја земавме за пример.
Кога е веќе Северна Македонија, работите едноставно и брзо по автоматизам стануваат северномакедонски. Би било премногу од обичните скандинавски консументи да се бара да ги проучат одредбите во Преспанскиот договор, и толкувањата што произлегуваат од него во однос на употребата на придавките и идентитетските ознаки, во согласност со практиката што би требало да се применува по промената на името на државата. Ако веќе е сосема јасно дека, на пример, функционира дистинкцијата севернокорејски и јужнокорејски, зошто некој не би можел, според истата аналогија, една обична зелка да ја нарекува северномакедонска? Истата придавка – нема никакво сомневање во тоа – веќе си го наоѓа своето место, топтан насекаде.

Но, проблемот овде е и географската одредница како основен аспект на целата проблематика поврзана со промената на името. Кај Корејците тоа функционира онака како што се физички и просторно поделени. Но во случајот со Македонија, Северна не се надоврзува на својот спротивен пол, бидејќи не постои Јужна, туку само Македонија во Грција, која му се поттура на светот токму под тоа историско и „непроменето“ име. Варијантите се најразлични, но функционираат мошне ефикасно.

Кога сме веќе кај скандинавските потрошувачи, аранжманите што се продаваат преку booking.com јасно и недвосмислено ги сместуваат туристичките капацитети во Пефкохори, Паралија, Катерини, Кавала или на Тасос, во „срцето на Македонија, Грција“. Каков заклучок од тоа може да извлече еден шведски патник добронамерник?

Шведската државна монополска компанија за продажба на алкохолни пијалаци „Системболагет“, во својот богат асортиман продолжува да нуди вина од „највинородните грчки региони во Македонија, Грција“. Уште дваесетина други вина се продаваат во „Системболагет“ како северномакедонски вина, повеќето од нив од регионот Повардарие, Северна Македонија. Има ли и овде некаква основа за да се посомневаме дека за скандинавските потрошувачи може да биде збунувачки кога работите треба да се поврзат со името Македонија или, пак, со Северна Македонија?

При пребарување на зборот „северномакедонски“ (nordmakedonsk) во Данскиот академски речник се добива следниов резултат: „од југоисточната европска Република Северна Македонија (пред 2019 година едноставно наречена Македонија); што се однесува на Северна Македонија или на Северномакедонци“. А при пребарување на зборот Македонец (makedonier), резултатот е овој: „лице од Македонија (т.е. од републиката што во 2019 година го промени името во Северна Македонија, од регионот во северна Грција или од античкиот грчки пејзаж северно од Елада)“.

Со пребарување во Норвешкиот академски речник, зборот „северномакедонски“ (nordmakedonsk) се толкува вака: „што се однесува на Северна Македонија и на Северномакедонците“. А еве што препорачува Јазичниот совет, централен шведски државен орган за јазична политика, во своето толкување и препораки за користење на зборот „северномакедонски“: „Генерално при изразувањето на шведски е добро да се зборува за Македонците како народна група, а може да се зборува, на пример, и за македонска храна и култура, кога се работи за историскиот регион, а не за границите на сегашната држава. Може да функционира и да се користи терминот Македонци, како ознака за жители на Северна Македонија во контексти каде што тоа не може погрешно да се разбере, дека всушност се мисли на жителите на Северна Македонија.

Но, како резидентна ознака, Северномакедонци, со придавката северномакедонски, секогаш е најнедвосмислена. Главно затоа што појасно го опфаќа целото население кое покрај Македонците го сочинуваат и околу четвртина Албанци“.

Па, ако можеме Македонците да ги нарекуваме Северномакедонци, и тоа многу пошироко во светот, не само во Скандинавија, тогаш зошто и една проста зелка не би можела да биде северномакедонска? Посебно ако тоа го правите со увереност дека не сте ја изгубиле смислата за добар вкус и – коректно изразување.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот