Северна Македонија европски вицешампион според пропорционалноста на изборниот модел

Локални избори во Северна Македонија / 17 октомври 2021 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во земјава неколку години наназад се покренува прашањето за измена на Изборниот законик, пред се во делот на промена на бројот на изборни единици, односно сведување на територијата на земјава од шест на една изборна единица. Главни „заговорници“ на ваквата идеја се помалите политички партии, кои сметаат дека на тој начин ќе им се зголемат шансите за нивно самостојно претставување во Собранието, ќе се изедначи „тежината“ на секој глас и ќе се обезбеди поголема пропорционална застапеност на партиите согласно бројот на освоени гласови на изборите.

Но, истражувањето „Северна Македонија на европската изборна мапа: Колку е порпорционален македонскиот изборен модел?“ на политикологот Кристијан Фидановски и раководителката на Центарот за парламентарна поддршка и демократизација во рамки на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), Влора Речица, промовирано пред десетина дена, покажува дека актуелниот изборен модел во земјава е меѓу најпропоционалните во Европа, односно еден од моделите којшто овозможува да има повеќе партии во Собранието, што го прави релативно поповолен токму за помалите партии.

Според Фидановски, кој е докторант по семејни, социјални и пронаталитетски политики на универзитетот Оксфорд и автор на десетици академски трудови и колумни од областа на домашната и меѓународната политика, комуникологијата, јавното здравје и демографијата, темата за изборниот модел е исклучително важна, но истовремено се работи и за една техничка тема, која што понекогаш е тешко да и се претстави за пошироката јавност.

– Станува збор за тема за којашто многу се пишува во политичките науки и тема за која што понекогаш има нови сознанија врз основа на изборните реформи во најразлични држави и тема која сметам дека многу често е упростувана во нашата јавност. И тоа всушност беше онаа појдовна точка што ја имавме со Влора и со Институтот кога одлучивме да ја изработиме оваа студија, вели Фидановски.

Тој потенцира дека она што најмногу му пречи кога се говори за темата за изборниот модел е тоа што се зборува само за една изборна единица.

– Тоа се тие три збора што се користат и под тие три збора всушност се опфаќа целокупната тема за изборните реформи – значи една изборна единици или бројот на изборни единици се третира како синоним за изборен модел. Изборниот модел е всушност нешто многу пошироко, а изборниот систем во целина е нешто уште пошироко, потенцира Фидановски.

Според него, изборниот модел изискува од аналитичарите и политичките чинители да разгледуваат повеќе параметри, затоа им било важно да ја прикажат состојбата во Европа, бидејќи многу често во дебатата за ова прашање во земјава фокусот се става на тоа која партија колку пратеници би имала во одредени конфигурации, а се пропушта големата слика поврзана со оваа тема.

Во истражувањето се заклучува дека земјава се одликува со значителна натпросечна пропорционалност според три клучни елементи на изборните модели: големината на изборните единици, изборниот праг и бројот на пратеници. Единствен исклучок од ваквата висока пропорционалност е употребата на Д’Онтовата изборна формула, која важи за најмалку соодветно репрезентативна меѓу пропорционалните изборни модели, но која во исто време е и најчесто користена во Европа.

– Со оглед на исклучително високата пропорционалност на актуелниот изборен модел, оваа студија проблематизира со дел од аргументацијата на поборниците за изборни реформи кон (уште) повисока пропорционалност. Во согласност со постоечките сознанија во политичките науки за негативните страни на високо пропорционалните изборни модели, посочуваме дека евентуалното воведување на (уште) попропорционален изборен модел би можело сериозно да го загрози формирањето и стабилноста на извршната власт, на тој начин (дополнително) ослабувајќи ја македонската демократија, заклучуваат авторите на истражувањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот