Сејровски изрази загриженост за спроведениот попис во Албанија, упати писмо до Комитетот за елиминација на расна дискриминација

Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Серјовски, во „име на единствениот политички субјект кој ги застапува интересите и правата на македонското малцинство во Албанија“, упати писмо до Комитетот за елиминација на расна дискриминација-Канцеларијата на Обединетите нации во Женева, во кое се изнесува посебен извештај подготвен од партијата во врска со „значајни и загрижувачки прашања поврзани со пописот на населението спроведен во Албанија во октомври 2023 година“.

„Нашиот извештај детализира низа инциденти кои предизвикуваат сериозна загриженост за спроведувањето и интегритетот на пописниот процес, особено фокусирајќи се на притисокот, заканите и заплашувањата, извршени од бугарските власти за време на пописот. Овие дејствија ги поткопаа правата и слободите на македонската заедница во Албанија, прашање што се наоѓа директно во рамките на мандатот на Комитетот за елиминација на расната дискриминација, за спречување на расната дискриминација и заштита на правата на малцинствата“, изјави за МИА, Стерјовски.

Додава дека целта на извештајот е двојна, да се истакне кршењето на правата на малцинствата и да даде детали и докази за тактиките што се користеле за заплашување на припадниците на македонската заедница во Албанија, тактики, за кои веруваат дека биле дизајнирани да влијаат или манипулираат со резултатите од пописот.

„Со почит го повикуваме Комитетот за елиминација на расната дискриминација, да го разгледа овој извештај и да размисли за преземање соодветни мерки. Ова може да вклучи истрага за овие инциденти, изразување загриженост до релевантните органи и давање препораки за тоа како да се заштитат правата на македонското малцинство во Албанија“, посочува тој.

Во извештајот, се нагласува дека МАЕИ е посветена на поттикнување на општество во кое сите етнички групи ќе можат да живеат во хармонија и подеднакво да се почитуваат нивните права.

– Сепак, настаните околу пописот во октомври 2023 година фрлија сенка врз оваа визија, барајќи интервенција од ценети тела како што е вашето. Веруваме дека Комитетот ќе му даде на ова прашање итно внимание што го заслужува и со нетрпение ја очекуваме поддршката во надминувањето на овие сериозни грижи. Доколку се потребни дополнителни информации или појаснувања, ги замоливме да не контактираат, вели Стерјовски.

Минатиот месец делегација на МАЕИ предводена од Стерјовски оствари повеќе средби со претставници на Советот на Европа во Стразбург и со европратеници во Европскиот парламент во Брисел.

Главен фокус на средбите беше даде на положбата на Македонците во Албанија а им беше доставен посебниот извештај подготвен од МАЕИ за пописот во Албанија, кој се спроведе во октомври 2023 година и притисоците на Бугарија за асимилација на Македонците во Албанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот