Седум години по катастрофалните поплави, во Шипковица се реализира проект за заштита од непогоди

Фото: Слободен Печат

На Меди Амеди од тетовска Шипковица сѐ уште му се свежи сеќавањата од катастрофалните поплави кои го зафатија тетовско во 2015 година, кога неговото село најмногу настрада. Тој изгуби двајца внуци, а Шипковечка река затрупа дел од селото со наноси од земја и камења, при што настрадаа четворица жители.

По седум години, властите сега во Шипковица го реализираат првиот проект за подобрување на отпорноста на поплави во Полошкиот регион. Се регулира Шипковачка река во должина од 3,7 километри која поминува сред село.

Адеми е задоволен што државата не го заборавила селото, но смета дека се работи за мал проект, кој нема многу да придонесе за заштита од поплави, доколку се случи катастрофата како таа пред 7 години.

„Беше месец август 2015 година. Сите знаевме дека нешто ќе се случи. Имаше темни облаци црни, јас тогаш бев на работа. Ми настрадаа две внучиња, не можев ништо да сторам. Но, сега веќе треба да научиме како да се заштитиме. Само со превенција да се ублажат катастрофите, ова е добро што се прави, но не е доволно“, низ солзи раскажа Адеми за „Слободен печат” .

Денеска локалните и централните власти беа во теренска посета на градежните работи за регулирање на поројот во Шипковица, општина Тетово, што се реализира во рамки на Програмата за подобрување на отпорноста на поплави во Полошкиот регион. Тие посочија дека природните катастрофи не можат да се запрат, но преку управување со ризикот, „ранливоста на заедниците може и мора да се намали“.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, посочи дека вакви проекти ќе се спроведат и на други ризични места на Шара.

„Оваа е исклучително важен проект, пред се во интерес и заштита на населението и обезбедување на одржлив и инклузивен раст со подобрување на отпорноста на заедниците од Полошкиот регион на катастрофи од поплави. Со преземните мерки, произлезени од сеопфатни студии и планови за проценка на ризикот од поплави делуваме превентивно за намалување на опасноста од порои, поплави, свлечишта на кои овој терен е подложен, ја зголемуваме отпорноста и подготвеноста на локалните заедници за справување со елементарните непогоди и природни катастрофи, како онаа од 2015 година која однесе и човечки жртви.Од тука произлегува потребата од силна соработка, трпение, разбирање и стратешки и плански пристап, потреба од широка информираност, инклузивност, внимателно планирање и урбанизација на просторот, информираност за ризични зони на поплавување и особено континуирана вклученост и едукација на населението во текот на целиот процес”, порача Нуредини.

Проектот е финансиран од Швајцарската амбасада, а имплеменитран од УНДП.

,,УНДП е тука да помогне во воспоставувањето систем на ефективна координација помеѓу националните и локалните власти што е од критично значење во овој процес.Само интегрираниот пристап на сите девет општини во полошкиот регион на крајот ќе биде подобрување на севкупната отпорност на заедницата на поплави”, посочи постојниот претставник на УНДП Армен Григорјан Григорјан.

На Шара делумно се заштитуваа речните корита, но од друга страна дивата сеча и дивоградбите и натаму предизвикуваат свлечишта. Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, вели дека инспекциите се постојано на терен со цел да се спречат вакви нелегални активности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот