
Седум додатоци што треба да ги земате во текот на летните месеци
Освен што носи подолги денови, повеќе време на отворено и можности за уживање во сонцето, летото може да биде и предизвик за функционирањето на нашето тело.
Препорачано
Со зголемената активност, потењето и промените во исхраната додека сте во движење или на одмор, лесно може да ви се случи да не ги внесете сите есенцијални хранливи материи што ја поддржуваат вашата благосостојба.
Земањето додатоци во исхраната (суплементи) во текот на летните месеци може да му даде на вашето тело дополнителна поддршка што му е потребна за да остане енергично и отпорно во текот на сите ваши авантури.
Како што се менуваат годишните времиња, така се менуваат и нашите нутритивни потреби, вели д-р Мајкл Барниш, пишува „Бест лајф“ (Best Life).
Витамин Ц
Иако е најпознат по својата улога во зајакнувањето на имунолошкиот систем, витаминот Ц е исто така клучен за управување со сезонските алергии во текот на летото.
Студиите покажуваат дека витаминот Ц има антихистамински својства.
Покрај своите предности во борбата против алергиите, витаминот Ц делува и како моќен антиоксидант, штитејќи ги клетките од оксидативниот стрес предизвикан од зголемената изложеност на УВ зрачење во текот на летните месеци.
Иако не е замена за традиционалната нега на кожата, како што е кремот за сончање со висок СПФ, ќе уживате во дополнителен слој на заштита.
Витамин Д
Многу лекари препорачуваат земање витамин Д во зима, кога е помала веројатноста да го развиеме природно со изложување на сонце.
Меѓутоа, Барниш забележува дека „летното сонце можеби не е автоматски доволно за сите“ и вели дека едноставен тест на крвта може да утврди дали ви се потребни дополнителни суплементи.
„Иако нашите тела природно произведуваат витамин Д кога се изложени на сончева светлина, на некои луѓе можеби сепак им се потребни додатоци, особено оние кои поминуваат малку време на отворено, користат крем за сончање со висок СПФ или живеат во северни географски широчини“, вели докторот.
Електролити
„Потта содржи есенцијални електролити и минерали како што се магнезиум, калиум, натриум и хлорид, кои всушност се губат кога се потиме“, објаснува Остин Шуксијао, лекар по интерна медицина.
Тој додава дека е важно да се пијат пијалаци што содржат електролити, бидејќи тие се поефикасни од обичната вода во спречувањето на грчеви.
Магнезиум
„Магнезиумот е неопходен за стотици ензимски реакции во телото, поддржувајќи ја функцијата на мускулите, регулирањето на нервниот систем и производството на енергија. Исто така, игра клучна улога во метаболизмот на витаминот Д, помагајќи во активирањето и подобрувањето неговите придобивки“, објаснува Барниш.
Магнезиумот, исто така, има некои специфични летни придобивки, особено тоа што е од витално значење за антиоксидативниот одбранбен систем на телото, заштитувајќи од оксидативен стрес предизвикан од УВ зрачење, напоменува Барниш.
Исто така, помага во регулирањето на рамнотежата на течностите, особено кога се потите поради екстремните горештини.
Цинк
Најчесто, кога луѓето земаат цинк, тоа е за да ја зајакнат имунолошката функција и да го поттикнат заздравувањето – а тоа е корисно во текот на целата година.
Меѓутпа, Барниш препорачува земање цинк ова лето за да се поттикне здравата кожа и да се заштити од оштетување од сонцето. Тој напоменува дека цинкот игра клучна улога во функцијата на меланоцитите, клетките одговорни за производство на меланин.
„Цинкот е неопходен во текот на летните месеци поради неговата улога во управувањето со воспалението предизвикано од изложувањето на УВ зрачење и стресорите од животната средина како поленот или честите патувања“, објаснува тој.
Пробиотици
Шуксијао препорачува земање пробиотици, кои можат да го поддржат вашето варење во текот на истражувањето нови кујни на патувањата.
„Ако планирате да патувате ова лето, може да бидете изложени на нова храна и нови бактерии во таа храна, особено ако посетувате места каде што санитарните стандарди не се исти како дома“, вели тој.
Тој наведува дека пробиотиците можат да заштитат од туѓи патогени во цревата и можат да ја намалат веројатноста за болести што се пренесуваат од храна или патничка дијареја (пролив).
Селен
Иако селенот може да се најде природно во бразилските ореви и морските плодови, Барниш препорачува додавање дополнителна доза во форма на суплементи ова лето.
„Селенот игра клучна улога во антиоксидантниот одбранбен систем на телото со тоа што помага во производството на селенопротеини. Овие протеини ги неутрализираат токсините од слободните радикали создадени од УВ зрачењето, заштитувајќи ги клетките на кожата од оксидативно оштетување и воспаленија“, објаснува тој и додава дека ова е особено важно во текот на летото кога зголемената изложеност на сонце може да ја оптовари кожата.
Покрај тоа, тој напоменува дека селенот ја зајакнува активноста на имунолошките клетки и ги регулира воспалителните реакции, што може да биде особено корисно во текот на сезоната на алергии.
„Исто така, помага да се надомести селенот изгубен преку потењето во текот на интензивна физичка активност, па затоа е важно да се одржува соодветен внес во текот на потоплите месеци“, вели тој.