Се испитува дали браќата и сестрата на малиот Билал имаат туберкулоза, таткото е негативен

ЈЗУ Институт Козле /Скопје, 29 јуни 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Нема речиси никакви мерки за изолација на семејството во кое мајката и бебето од Куманово имаат туберкулоза. Деветмесечното бебе Билал се бори за живот на Детската клиника и состојбата не му е подобрена. Во болницата малечкото е донесено со сите знаци на дехидратација и според педијатарот кој го прегледал, барем 10 дена бебето не примало храна. Тежината му била околу 3 килограми што веднаш го алармирало доктор Агрон Сулејмани, од кумановската болница со болничко возило да го препрати бебето на Детска Клиника во Скопје, каде му беше дијагностицирана туберкулоза.

За мајката се знае дека има туберкулоза и таа е хоспитализирана на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза во Скопје. Но, на ТБЦ не е хоспитализиран нејзиниот сопруг, ниту другите три деца кои се на возраст од четири, шест и осум години. Според информации на „Слободен печат“ таткото е негативен, а резултатите за трите други деца се чекаат. Според возраста на децата, може да се констатира дека две од нив одат во училиште.

„Слободен печат“ праша во Центарот за јавно здравје Куманово дали направиле епидемиолошки прашалник на семејството и дали се следат нивните контакти но добивме одговор дека антитуберкулозниот диспанзер во Куманово е затворен, а сите случаи се препраќаат на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза во Скопје.

-Секој случај на туберкулоза кој ќе се потврди во Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Скопје, подлежи на епидемиолошка анкета. Оваа анкета ја спроведува здравствениот персонал во Институтот, при што сите наведени членови од најблиското семејство и други блиски контакти се советуваат за понатамошно иследување. Не постојат законски одредби кои ќе го ограничат слободното движење на пациентите кои се суспектни, ниту потврдени случаи. Превенцијата и грижата за туберкулозата во нашата земја зависи од соработката меѓу лекарот и пациентите. Оттука произлегува важноста за издигнување на свесноста за оваа болест и спроведување на препораките од здравствените работници, вели за „Слободен печат“ директорот на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и туберкулоза доктор Сеад Зејнел.

Статистиките покажуваат дека во Македонија изминативе 15 години има континуиран пад на бројот на новозаболени со туберкулоза. Тоа според доктор Зејнел е благодарение на долгогодишните напори на Институтот преку спроведување на националната програма за превенција и контрола на туберкулозата.

-Нашата земја има помалку од 10 случаи на сто илјади жители, што ја става во групата земји со ниска инциденца. Со оглед на ниската заразност на туберкулозата и редовното спроведување на превентивната програма на годишно ниво, ризикот од ширење на болеста не претставува опасност ниту за Куманово, ниту за другите населени места во земјата, велат од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза во Скопје.

Во случајот со семејството од Куманово, каде освен бебето има уште три деца, директорот на ЈЗУ Институт Козле доктор Бесник Зекири, за „Слободен печат“ смирува дека децата веќе се испитуваат и резултатите ќе бидат познати во петок. Во меѓувреме им е советувано да бидат во изолација.

-Ако се позитивни, треба да се изолирани, доколку се постави дијагноза. И сега има препорака да се дома. Да не одат во училиште. До петок нема да се познати резултатите. Пожелно е да се изолирани, да носат маска. Се пренесува со кивање и кашлање. Во текот на вчерашниот ден донесени беа и друигте три деца, две машки и едно девојче на возраст од четири, чест и осум години. Испитувањата им се почнати, а задутре треба да дојдат повторно за други испитувања. Две од децата се вакцинирани со бе се же вакцина, ни рече доктор Зекири.

Директорката на Детската Клиника доктор Стојка Нацева Фуштиќ за состојбата на малиот Билал ни посочи дека не е добра и дека бебето нема спонтани респирации.

Случајот со деветмесечното бебе позитивно на туберкулоза, откри родителска негрижа, поради тоа што бебето не било лекарски иследувано 9 месеци и било исклучително неухрането, дехидрирано и нереспонзивно дури ни на боцкање од шприц во кумановската болница. Социјалните служби констатираа дека таткото работел, па ова семејство не било под заштита на службите за социјални работи. Меѓутоа, родителската запоставеност не мора да биде само финансиска, туку и здравствена, а за тоа одговори од надлежните нема.

Туберкулозните бактерии се пренесуваат преку воздухот кога лицето со туберкулоза во белите дробови или грлото кашла, кива, пее или зборува, испуштајќи мали капки во воздухот. Овие капки може да ги вдишат други лица. Повеќето луѓе се заразуваат со туберкулоза од лице со кое поминуваат многу време заедно. Многу невообичаено е да се добие туберкулоза од лице после краток или случаен контакт. Бе се же вакцината штити од туберкулозата само делумно и главно ги штити децата. Туберкулоза може да се добие дури и ако лицето ја примило вакцината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот