Се бара мудро решение да не се зголеми цената на струјата за 27 проценти

ЕВН - струјомери / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Енергетските компании ги доставија барањата, регулаторот е на мака како да ги заштити домаќинствата. Едно од решенијата е „пристап до мрежа“ како цена за лускузот на оние со многу станови и неискористена викендица

Енергетските компании ги доставиле своите калкулации и според нив, цената на струјата би требало да се зголеми за 27 проценти. Но, колку навистина ќе се зголеми, би требало да се дознае до крајот на месецов, кога точно ќе се знае кој колку ќе плаќа од 1 јануари, затоа што Регулаторната комисија за енергетика треба да направи анализа колку од барањата се реални, но и да употреби паметни, креативни решенија, како што велат оттаму, за да не доживеат домаќинствата ценовен шок.

Регулаторната комисија за енергетика редовно известува какви барања доставуваат енергетските компании, но на крај, за среќа, такво зголемување никогаш не платиле домаќинствата.

– Сега ги анализираме доставените информации од енергетските компании. Тие имаат раст на трошоци, за кабли, за материјали, цените на бакарот се зголемени… Така, нешто во нивните барања е реално, а нешто не е – изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Тој потсети дека новата цена што е добиена од домашното производство на електрична енергија преку ЕСМ е поголема од сегашната, односно таа од 1 јануари ќе биде 57 евра за мегават, а сега е 53 евра. Потоа, со домашно производство нема да се покриваат 100 проценти од потребите на домаќинствата, туку 95 проценти, а поскапа е и струјата за покривање на загубите. Но, како што тврди и Бислимоски, а претходно и премиерот Ковачевски, нема да се дозволи ценовен шок на населението.

– Јас секогаш верувам во креативни, правични и мудри решенија. Такви и ќе примениме. Очигледно ќе има раст на цените, но постојано, па и во најголемата енергетска криза. Регулаторната комисија наоѓа начини да ги заштити домаќинствата – рече Бислимоски и го посочи „пристапот до мрежа“ како едно такво решение.

 Бислимоски: Со „пристап до мрежа“ се штитат домаќинствата

 

– Ве замолувам и вас медиумите да не се наседнува на шпекулации. Пристапот до мрежа не е дополнителна давачка и со оваа мерка се штитат домаќинствата. Имаме голем број домаќинства со сосема мала потрошувачка и товарот на одржување на мрежата паѓа на редовните корисници на електрична енергија. Истовремено, со воведување на ставката „пристап до мрежа“, ќе се намали „мрежарината“ за дистрибуцијата на електричната енергија – рече Бислимоски.

Од денеска евтина дневна тарифа на струјата за домаќинствата

 

Според него, сега се прават анализи колку ќе изнесува „пристапот до мрежа“ и тој ќе биде некаде од 50 до 250 денари. Одредени калкулации што ги направиле на сегашните сметки, покажуваат дека кај редовните корисници на струја сметките би се намалиле за 8 проценти. Но, бидејќи цените по друг основ ќе пораснат од 1 јануари, со „играта“ со ставките пристап до мрежа и со мрежарината треба да се намали растот.

– Ставката „пристап до мрежа“ нема да ѝ донесе дополнителен приход на Електродистрибуција, а трошокот за домаќинствата ќе си остане ист. Но, ако некој има 5 стана и ако не троши во нив струја, а мрежата му се одржува за да има во секој момент пристап, не е фер трошокот да му го плаќаат тие што одвај врзуваат крај со крај – рече Бислимоски.

Талески: Ако сакате луксуз, мора да си платите

Во одбрана на ставката „пристап до мрежа“ на прес-конференцијата присуствуваше и угледниот професор Рубин Талески.

– Досега плаќаме мрежарина. Таа ќе има фиксен и варијабилен дел. Фиксниот ќе биде „пристап до мрежа“. Таков систем има и во многу други земји. Замислете, одите во викендичка еднаш годишно, притискате на прекинувачот и веднаш добивате струја. Тоа е привилегија, па ако сакате и луксуз, кој мора да се плати – вели Талески.

Според него, неоправдани се негодувањата во јавноста дека веќе еднаш се платило за приклучок на струја.

– Сите сме платиле за приклучок. Тоа е да нè приклучат на мрежата, а ова е за да се одржува и постојано да имаме електрична енергија – вели Талески.

Тој посочи дека во државава има 240.000 мерни места каде што воопшто не се троши струја, или се троши многу малку, до 30 киловат-часови месечно.

На прашањето дали на овој начин, покрај „викендашите“ не се казнети и оние што постојано живеат во некои рурални средини, се греат на дрва и имаат сосема мала потрошувачка на електрична енергија, Бислимоски рече дека тоа нема да се случи, затоа што колку малку и да трошат, не влегуваат во категоријата на оние што екстремно ниско трошат.

– Просечната потрошувачка на електрична енергија во зима на месечно ниво е 407 киловат-часови, а во лето 286. За оние што се блиску до овој просек, нема да има никакво зголемување на ставките за мрежарина – беше потенцирано на пресот на кој се презентираа првичните елементи за формирањето на новата цена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот