СДСМ за ДИК ќе го поддржи кандидатот на опозициската Беса?

Зулфи Адили кандидат на АА за ДИК, Абдуш Демири кандидат на ЕСП Фото: Фејсбук

Ваквиот потег би можел да предизвика нов потрес меѓу владините партнери СДСМ и Алијанса за Албанците, која веќе номинираше свој кандидат за член на Државната изборна комисија (ДИК)

Доекипирањето на Државната изборна комисија (ДИК) ќе ја чека лидерската средба што премиерот Димитар Ковачевски ја најави за почетокот на декември. Се очекува лидерите на парламентарните партии да се усогласат кој ќе биде новиот член на Комисијата, бидејќи за негов избор потребно е двотретинско мнозинство. Неофицијално, СДСМ ќе го поддржи кандидатот на опозициската Беса, што, пак, може да предизвика нов потрес меѓу владините партнери СДСМ и Алијанса за Албанците (АА), која номинира свој кандидат за член на ДИК.

Столчето во ДИК веќе девет месеци е празно, откако членот на Алијанса за Албанците Кренар Лога стана министер за правда. Курцшлусот настана откако и владејачката Алијанса за Албанците и опозицискиот Европски сојуз за промени излегоа со став дека имаат право на свој претставник за испразнетото место во Комисијата.

Претседателката на собраниската Комисија за избори и именувања Марија Георгиевска не одговора кога ќе закаже седница на која треба да се утврдат кандидатите кои конкурирале за испразнетото место во ДИК, иако минатата недела пратеникот од Беса, Фадил Зендели, побара седницата за избор на нов состав на Антикорупциската комисија да се дополни со нова точка за утврдување на членови за ДИК. Георгиевска не одговори ниту на барањето на ВМРО-ДПМНЕ да закаже нова седница за избор на член на ДИК.

Според собраниски извори, можно е в петок, на седницата на која ќе се разгледува предлогот за нов состав на Антикорупциска, дневниот ред да биде дополнет со точка за утврдување на кандидатите за член на ДИК. Со ова, Собранието купува време до одржување на лидерската средба во очекување лидерите од власта и опозицијата да пресечат чиј кандидат треба да го пополни местото во ДИК.

Како што веќе објави „Слободен печат“, на огласот за член на ДИК се пријавиле четворица, меѓу кои и Абдуш Демири, кандидат поддржан од Европскиот сојуз за промени, како и Зулфи Адили, кандидат поддржан од Алијанса за Албанците.

Според албанскиот опозициски блок, Демири треба да биде новиот член на ДИК, бидејќи тоа место ѝ припаѓа на опозицијата. Беса наводно веќе обезбедила поддршка за Демири од ВМРО-ДПМНЕ.
Распоредот на силите во ДИК сега е четири спрема два во корист на власта. Ако Алијанса го добие местото во ДИК, тогаш власта ќе има пет члена, а опозицијата двајца, без претставник од албанскиот опозициски блок.

Според извори од власта, најверојатно СДСМ ќе го поддржи Демири, кандидат на опозицискиот ЕСП. Ова пак, може да предизвика нов судир меѓу владините партнери СДСМ и Алијанса за Албанците, откако социјалдемократите не го поддржаа законот за амнестија предложен од Лога.

Алијанса за Албанците останува на ставот дека нивен кандидат треба да биде избран за нов член на ДИК. Аргументите на Алијанса се дека на последните парламентарни избори тие биле опозиција.
Алијанса калкулира и со опцијата да излезе од Владата ако до средината на декември не поминат уставните измени, и во таков случај повторно ќе биде опозиција и ќе го задржи столчето во ДИК. На вакво сценарио неодамна предупредија од ЕСП. Алијанса се повикува и на, како што велат, преседанот дека на изборите во 2020 година, Беса, иако настапила на заеднички листи со СДСМ, го задржала местото во ДИК. Од партијата на Арбен Таравари велат и дека ЕСП не може да конкурира за член на ДИК, бидејќи Беса на изборите во 2020 настапила на заеднички листи со СДСМ и била власт, Алтернатива била опозиција со нив, а Демократското движење на Изет Меџите не ни постоело како партија.

На последните парламентарни избори, Алијанса за Албанците и Алтернатива беа опозициски партии и Лога беше нивен член во ДИК. Алтернатива во меѓувреме беше дел од власта, па ја напушти. Беса, пак, на изборите одеше со заеднички листи со СДСМ како власт, но сега е во опозиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот