Самостојната изложба „Помеѓу“ на Славица Јанешлиева е поставена во галеријата на ФЛУ во Сули ан

Галерија „Драгутин Аврамовски – Гуте“ во просторот на ФЛУ при УКИМ во Сули ан

Во галеријата „Драгутин Аврамовски – Гуте“, која се наоѓа во просторот на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Сули ан (Стара скопска чаршија), на 20 ноември беше отворена изложбата „Помеѓу“ на Славица Јанешлиева.

Обидувајќи се визуелно да претстави расположенија, размислувања и чувства, односно да го претстави доживеаното и она што силно го чувствува, а тешко може да се опише, почнувајќи со делото „Комуникација“ (2019), авторката се одлучила да го употреби цртежот како медиум. Притоа, на цртежот не му пристапува како на студија, ниту како на скица или, пак, замисла за концепт, туку како на предизвик и драгоцен визуелен медиум, кој е слободен и се измолкнува од конвенционалното размислување и поимање.

– Цртам на хартија со молив, дрвени бои и индиго. Некогаш линијата е само втисната во меката памучна хартија. Цртам на стаклото со перманентен маркер, со акрилен фломастер и со контур паста. Употребувам и колаж (од шнајдерски шнитови и ракописи), а додавам и мали објекти. Сѐ што е прикажано може симболично да се „прочита“, нуди метафори и е употребено со намера. Но, она што ми е особено битно во моите цртежи-објекти е „меѓупросторот“. Просторот помеѓу хартијата и стаклото што е овозможен од длабочината на рамката-кутија. Тој простор може да се сфати како пауза, како празен простор помеѓу два збора, како вакуум што го чува воздухот што го дишам, како време сегашно – помеѓу минатото и иднината, како кутија полна на чувства, како простор кој овозможува да се создадат сенки, како простор во кој сѐ се случува – објаснува Јанешлиева.

За полесно „читање“ и разбирање на претставените дела, таа наведува повеќе свои толкувања на метафорите и симболите, како на пример: кројачки шнит – обликување (кроење) на личноста, креирање на нечија или на сопствената судбина, животни насоки; бројки – лично / интимно значење и/или појаснување на визуелната приказна; пајаци – страв, заштита, мајчинство, плетење, кроење, дом, напад (лов); мравки – гризење, работа / труд, слога, морници, алчност, себичност, нелагодност; полжави – дом, патека на движење / трага / улица, спирала, бесконечност; ластиче за коса – приказна; небо – иднина, живот на мислата, игра, духовност; стакло – кршливост, непостојаност, болка; сенки – комуникација, спротивставеност, друга димензија; вода – информација, разбурканост; птица – слобода, достигнување на желба, височина; пердув – остаток, убавина; пеперутка – менување, леснотија; ракопис – личност, јазик; детелина – трпение, надеж, верба, среќа.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 206, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот