Рускиот премиер Мишустин призна: Ова е најтешкиот период за Русија во последните 30 години

Михаил Мишустин и Владимир Путин / Фото: EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Русија се соочува со најтешката ситуација во последните три децении поради незапаметените западни санкции, но обидите на странските земји да ја изолираат од глобалната економија ќе пропаднат, изјави денеска рускиот премиер Михаил Мишустин.

Западните земји продолжуваат да воведуваат економски санкции кон Русија со цел да ја принудат да ја прекине воената операција во Украина и да ги повлече своите сили. Русија инвазијата на Украина ја нарекува „специјална операција“ за демилитаризација и „деназификација“ на својот сосед.

„Ваквите санкции не беа користени ниту во најтемните времиња на Студената војна“

„Несомнено можеме да ја наречеме сегашната ситуација најтешка за Русија во последните три децении“, рече Мишустин во Думата, долниот дом на рускиот парламент. „Ваквите санкции не беа користени ниту во најтемните времиња на Студената војна“.

Западните санкции веќе ја исклучија Русија од глобалната финансиска мрежа и ги лишија нејзините најголеми банки од пристапот до СВИФТ, глобалниот платен систем, додека некои трговци почнаа да ја отфрлаат руската нафта и да го зголемуваат притисокот врз финансиите на Москва.

Мишустин рече дека Русија ќе мора да потроши се што ќе заработи оваа година на државна помош. Владата досега вети повеќе од трилион рубли за поддршка на бизниси, семејства со деца и социјална помош. Од нив 250 милијарди рубљи ќе бидат потрошени за државна помош за руските железници.

„Се сомневам дека некоја друга земја не би го издржала ова“

Бидејќи некои од компаниите кои заминуваат ги пренесуваат своите акции на руски компании, рече Мишустин, новата ситуација нуди простор за нови деловни можности. „Нашиот финансиски систем, крвта на целата економија, опстана“, рече Мисустин. „Берзата и рубљата се стабилизираат. Се сомневам дека некоја друга земја не би го издржала ова“.

Европската комисија во вторникот предложи нови санкции за Русија, вклучително и забрана за увоз на руски јаглен и пловење на руски бродови во пристаништата на ЕУ и додаде дека работи на забрана за увоз на нафта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот