Русија и Кина заедно сѐ уште се далеку зад американската воена моќ

Сеад Ризвановиќ
Сеад Ризвановиќ / Приватна архива

Трката во вооружување и во употребата на новите технологии најавуваат нова глобална фаза во развојот на воените капацитети на најголемите држави во светот, што ги изместува „застарените“ анализи на нуклеарниот воен „баланс“ помеѓу главните актери.

На крајот на јули годинава Кина лансирала две ракети кон вселената, но она што се чинело дека е дел од кинеската вселенска програма, според истражувањето на „Фајненшел тајмс“, било нешто сосема друго. Кинеските ракети биле носачи на две хиперсонични оружја кои во ниска орбита се одвојуваат од ракетите носачи и потоа со хиперсонични брзини (неколку пати побрзо од звукот) се упатуваат до својата цел.

Според новинарите на „Фајненшел тајмс“, дури и американската Врховна команда била затекната од овие лансирања, особено бидејќи должината на траекторијата на оружјата ги надминала претходните претпоставки за овие кинески технолошки капацитети.

По овие сознанија минатата недела се огласи и американскиот претседател Џо Бајден, кој рече дека кинеските тестови се „загрижувачки”. Од друга страна, кинеските претставници ги демантираат информациите дека тестовите се од воен карактер и велат дека се работи за продолжување на кинеската цивилна вселенска програма. Сепак, интересно е дека Кина не се помачи премногу да ги демантира информациите кои земаа толкав замав што за потребно најде да ги коментира и американски претседател. Кинеските стратези веројатно уживаат во латентната закана кон САД и нивните сојузници со своето најново оружје, а официјалниот став на НР Кина останува во стилот на неагресивна комуникација со светот што Кинезите сакаат да го негуваат.

Дебатата за кинескиот тест е последна во низата на анализите во САД кои се водат помеѓу експертите и воените кругови околу воените капацитети на Кина и прашањето дали официјален Пекинг ќе го престигне Вашингтон како прва светска воена сила во догледен период. Детален извештај за воените капацитети на Кина и на Русија овој месец објави реномираната аналитичка американска корпорација РАНД којашто претставува независна организација што континуирано работи анализи за американската влада, но и за многу други држави во светот.

Русија и Кина против Америка – кој би победил?

Втората и третата најголема воена сила во светот, Русија и Кина, постепено се приближуваат кон воениот примат на САД, но за да ја стигнат Америка, имаат уште многу пат за изодување. Тоа е главниот заклучок на извештајот на РАНД за руско-кинеската воена соработка. Американските воени планери не се сомневаат дека на краток рок, до крајот на 2022 година, американската воена доминација нема да биде оспорена, но информациите дека Москва и Пекинг забрзано ги здружуваат силите во одредени стратегиски воено-технолошки полиња, ги принудува САД темелно да ги преиспитаат своите анализи.

Кога зборуваме за историјата на соработката помеѓу Русија и Кина треба да се потсетиме дека двете соседни земји беа сојузници и на почетокот на Студената војна, бидејќи Советскиот Сојуз и Народна Република Кина ја споделуваа истата комунистичка идеологија и истите глобални идеолошки конфронтации. Меѓутоа, до средината на 1960-тите, кинеско-советскиот блок се распадна, па дури и накратко водеше погранична војна во 1969 година… Засега таа соработка забрзано да напредува.

Во моментов, според сите параметри, Соединетите држави се единствената воена суперсила – што се дефинира како можност за сериозна воена интервенција на повеќе глобални точки истовремено – иако руското нуклеарно оружје и кинеската воена и економска моќ ги прават и двете земји блиски конкуренти. Москва и Пекинг имаат заеднички став дека за нив САД е стратегиски конкурент и, на моменти, директен противник. Се разбира, Русија и Кина не посакуваат воена конфронтација со САД. Но, азиските џинови би сакале да видат порамномерен терен за игра меѓу сите три земји. Тоа е заедничкиот интерес што ги турка Русија и Кина поблиску една до друга.

Извештајот на РАНД систематски ги рангира воените капацитети на трите земји, па така, американската воена моќ моментално има збирна оценка од 0,6, со пад од нивото 0,7 од 1997 година наваму. Во меѓувреме, Кина се зголеми од 0,1 во 1997 година на 0,25 во 2016 година, додека Русија остана во тесен опсег помеѓу 0,22 и 0,19. Заедно и двете земји имаат вкупна оценка од 0,41, што е сѐ уште значително помалку од рангирањето на САД со 0,6.

Брз раст на Кина и руска стагнација

Извештајот на РАНД го прикажува брзиот воен подем на Кина од 2016 година. Оттогаш, Кина додаде втор носач на авиони на својата флота, изгради 23 нови ПЛОВЕЧКИ разурнувачи со наведувани ракети, 29 нови фрегати, 60-70 нови стелт-ловци J-20 од петтата генерација и 229 нови интерконтинентални балистички ракети. Оваа нова опрема на Кина и проширувањето на силите од 2016 година ѝ донесоа надградена, повисока оценка, според РАНД.

Од друга страна, нивото на опременоста на воените капацитети на Русија, во споредба со 2016 година, останува рамно или дури и намалено во некои сегменти. Единствениот руски носач на авиони, „Адмирал Кузнецов“, е веќе одамна застарен и Москва нема конкретен план за негова замена или за изградба на нов носач на авиони. Копнената и воздушната моќ на руските сили во голема мерка останаа исти, при што Русија сè уште се потпира на опремата од времето на Студената војна, како што се пешадиското борбено возило БМП-2, ловецот со долг дострел МиГ-31 и тешкиот бомбардер Ту-160 „Блек Џек“.

Сепак, Москва има голем напредок во бројот на подморнички капацитети, првенствено кај новите ракетни подморници од класата „Бореи“ и подморниците со крстосувачки ракети од класата „Јасен”. Вториот напредок на Русија се бележи во воведувањето на нови хиперсонични оружја, какви што се тактичките хиперсонични оружје „Кинжал“ и „Циркон“ и стратегиското хиперсонично оружје „Авангард“, кои ќе ѝ дадат нови способности на Москва – секако, доколку може да си ги дозволи, бидејќи претходните бомбастични најави за воведувањето во вооружувањето на новиот ловец од петтата генерација СУ-57 и оклопната платформа „Армата“ се сведоа на минимални порачки од руската армија на тие системи, поради постојан недостаток на финансиски средства.

Како и да е, јасно е дека трката во вооружување и во употребата на новите технологии најавуваат нова глобална фаза во развојот на воените капацитети на најголемите држави во светот, што ги изместува „застарените“ анализи на нуклеарниот воен „баланс“ помеѓу главните актери. Воведувањето на напредната технологија и сајберпотенцијалите стануваат многу поважни фактори од оклопот и бројноста на трката за воена надмоќност во воените стратегии на големите сили.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот