Русија бара да се врати во Советот за човекови права на Обединетите нации

Русија сака да се врати во Советот за човекови права на Обединетите нации, откако беше исфрлена во април минатата година поради инвазијата на Украина.
Москва е наведена на веб-страницата на Обединетите нации како кандидат за избор на членови на Советот за човекови права за мандатот 2024-2026 година, што треба да се одржи на 10 октомври, пренесува Индекс.
Членството се базира на географска распределба, со две слободни места во групата на источноевропски земји, а досега за тој регион кандидатура ја најавија Русија, Албанија и Бугарија.
Во документот испратен до членките на ОН, кој го објави Си-Ен-Ен, Русија наведе дека го смета Советот за човекови права за клучно тело во системот на Обединетите нации.
Официјална Москва вели дека е важно да се спречи растечкиот тренд на претворање на Советот за човекови права во инструмент кој служи на политичката волја на група земји и ги казнува нелојалните влади за нивната независна внатрешна и надворешна политика.
Генералното собрание на Обединетите нации гласаше за суспендирање на Русија од Советот за човекови права во април 2022 година.