Родители од Франција го однеле петгодишниот син во Сахара, сакале да го жртвуваат тврејќи дека е „опседнат“

Фото: Luca Galuzzi / Wikipedia

Француски професори по музичка уметност биле уапсени на пат кон пустината Сахара каде што наводно го однеле својот петгодишен син на „религиозен обред“ затоа што верувале дека е „опседнат“, пишува британски Тајмс.

Флоријан Луна (39) и Мари Лахале (30), брачен пар кој води успешно музичко училиште во близина на Бордо, се уапсени во пристаништето Алгесирас во Андалузија додека се подготвувале да се качат на траект за Мароко.

Шпанската полиција реагирала откако добила налог од француската полиција. Пријател на брачната двојка ја известил француската полиција за нивниот луд план.

„Таткото планираше да оди во Северна Африка со сопругата и нивниот син за да изврши еден вид обред“, соопшти обвинителството во Бордо.

Момчето било спасено, а родителите се во притвор и чекаат екстрадиција. Тие се обвинети за „киднапирање малолетно лице за да извршат тешко кривично дело“.

Луна и Лахале, по потекло од регионите Лангедок и Шарант, се познати во областа по успешното музичко училиште што го основале во Каркан во 2014 година. Сопружниците често се појавувале на телевизиите и во регионалните медиуми.

Суд-Оуест, регионален весник, објави дека Луна пред неколку месеци завршил во психијатриска болница во Бордо, откако бил пронајден „гол и дезориентиран“ во шумата во Кастелнау-де-Медок во близина на Карканс.

Двојката побарала дозвола да го школува својот син дома, објави Суд-Оуест. Тие, исто така, најавија неизбежно затворање на нивното училиште без објаснување.

Патрик Мејфрен, градоначалникот на Карканс, рече дека е запрепастен од случајот.

„Ги познавам двајцата родители“, рече тој. „Флоријан понекогаш се занесуваше. Некогаш експлодираше од гнев, но по неколку минути се смируваше и се извинуваше. Мари беше многу присебна, секогаш мирна. Невозможно беше да се замисли дека двајцата еден ден би можеле да бидат осомничени дека сакале да му наштетат на нивното дете“, рече градоначалникот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот