
Ристовски пред мечот на сезоната: Математиката е јасна, на Динамо му треба секој бод
До крајот на сезоната во најдобрата хрватска фудбалска лига остануваат уште четири кола, а во трката за титулата се Динамо Загреб и Риека. Динамо на македонските интернационалци Аријан Адеми и Стефан Ристовски моментно се на првото место во генералниот пласман со 72 бодови, еден повеќе од второпласираната Риека.
Препорачано
Ристовски со двете екипи имаше големи успеси, со Риека во сезоната 2016/2017 ја освои двојната круна, а со Динамо три години по ред ја освојува титулата шампион на Хрватска.
В недела од 19.30 часот Риека е домаќин на Динамо и овој меч би можел да реши многу дилеми околу борбата за трофејот, иако до крајот на првенството двете екипи ќе имаат уште по три натпревари. Двата тима ќе се соочат уште два пати и во финалето на хрватскиот куп.
– Во текот на целата сезона имаме вакви тензични натпревари. Остануваат уште четири кола и математиката е јасна, ни треба секој бод. Мора да влеземе енергично и да се надеваме на победа – вели Ристовски.
Ристовски беше дел од шампионската генерација на Риека. Тој го спореди тој тим со денешниот тим:
– Нашата генерација беше подобра, се разбира. Тоа можеше да се види на теренот. Не го измислувам ова. Но, на оваа генерација треба да ѝ се честита, таа е заслужена таму каде што е и чесно си ја врши работата – рече Ристовски.
Не е изненаден што Риека е во трка за титулата, а свесен е и за свирежите што ќе ги добие кога ќе истрча на стадионот Рујевица:
– Дадов сè од себе за Риека и од моја страна не можеше да биде пофер тој клуб и секогаш ќе го ценам тоа. Риека мора да победи ако сака да остане во трката. Се надевам на отворен фудбал и рамноправен натпревар, па нека победи подобриот – се зборовите на поранешниот македонски репрезентативец.