Рибата смрди од главата

Марин Гавриловски

Државата може многу лесно да се справи со корупцијата на ниско ниво, но за тоа треба да се има желба и да се применат искуствата на земјите што тоа го решиле на практичен и едноставен начин. Доволно е, за почеток, да се применат некои искуства од земјите во нашето непосредно опкружување.

Деновиве органите на прогонот се растрчани низ државава ловејќи криминалци, најверојатно поттикнати од притисокот на јавноста и на претставниците на меѓународната заедница, а особено од нашите партнери од САД, кои веќе подолго време укажуваат на енормното ниво на корупција во регионот, па со тоа и во Македонија.

Се апсат полицајци на граничните премини, полицијата одеднаш почна да фаќа дилери со дрога, се поднесуваат кривични пријави против службеници во државните институции што злоупотребиле постапка за тендер или издавале документи надвор од законските прописи. Овие акции се за поздравување, но само доколку се со цел да се сузбие криминалот, а не да се замајува јавноста дека нешто се работи, а потоа целата работа да се забошоти, како што тоа обично бива, поаѓајќи пред сè од правилото кое толку многу пати се потврдило во Македонија, а тоа е дека помнењето на нашите граѓани е многу кратко.

Државата може многу лесно да се справи со корупцијата на ниско ниво, но за тоа треба да се има желба и да се применат искуствата на земјите што тоа го решиле на практичен и едноставен начин. Не треба да гледаме многу далеку, доволно е, за почеток, да се применат некои искуства од земјите во нашето непосредно опкружување. На пример, проблемот со непрописното паркирање, кое патем, по мое мислење, е на најниско можно ниво од осамостојувањето, може да се реши едноставно, како што е тоа направено во соседна Србија.

Таму, во Белград, по улиците се движи возило што ги фотографира непрописно поставените возила. Потоа тие податоци, без претходно известување, се доставуваат до оние што го направиле прекршокот со уплатница на која е сумата што како глоба треба да ја платат. На тој начин првенствено се избегнува директниот контакт помеѓу сообраќаецот и граѓанинот и можноста тој да понуди мито во замена за казна, понатаму се избегнува и можноста граѓанинот да се јави на телефон на некој негов познат влијателен во полицијата и тој да ја „скине“ казната. Кога ќе се добие уплатницата веќе е доцна за какво било незаконско влијание. Целата оваа постапка не е нуклеарна физика, а ефикасно го решава проблемот со непрописно паркирање.

Хрватска на многу практичен начин го има решено начинот на добивање на изводи од матичната книга. Имено, таму за да ги добиете овие документи не е потребно да имате стар извод, лична карта, уплатница… да застанете на ред за да ги предадете документите, па да ве информираат дека тие ќе бидат изготвени за пет работни дена, па кога ќе дојдете и доколку имате среќа документот да биде изготвен, повторно да чекате ред и конечно да го добиете документот. Во Хрватска е доволно да дојдете до еден од автоматите, кои наликуваат на банкомати и таму да ја вметнете вашата важечка лична карта, по автоматизам, од вашата трансакциска сметка ќе бидат земени средства за плаќање на таксата и веднаш ќе ви биде отпечатен и издаден документот што го барате, речиси во истиот момент кога сте го поднеле барањето. Едноставно, нели? На овој начин се избегнува каков било контакт помеѓу вработените во институцијата што ги издава документите и граѓаните, а со тоа и можноста од коруптивни дејства и добивање документи со кои потенцијално би се изиграле законските прописи.

Со овие примери, секако, би се решиле некои од проблемите поврзани со функционирањето на државните институции, би се намалила корупцијата и би се воспоставил ред во односните сфери на живеење. Но, за да се постигне тоа потребно е, пред сè, да се има волја и желба да се решат проблемите, а потоа и способност и истрајност да се реализираат тие проекти.
Сепак, според мене, главниот проблем не е корупцијата на ниско ниво, туку онаа на високо државно ниво. Таа корупција треба да се намали, кога веќе не може да се сузбие целосно. Но, и за тоа има решение. Ако владата сака да ја покаже својата решителност во борбата против корупцијата, треба пред сè да биде неселективна и истрајна во своите намери. Односно, треба да одговараат сите кои го прекршиле законот, без оглед на политичката и националната припадност и тоа треба да биде на ефикасен начин со целосно издржување на затворските казни.

За почеток, би било добро, да се одберат најкорумпираните високопозиционирани функционери од власта, да речеме по тројца од СДСМ и од ДУИ, потоа тројца од ВМРО-ДПМНЕ, тројца најкорумпирани судии и тројца обвинители. Сите тие да се стават во притвор, да се покренат експресно кривични постапки, судот да биде експедитивен и во рок од шест месеци да донесе правосилни судски одлуки и виновниците да ги спроведе на издржување на затворските казни во затвори кои не се од отворен тип. На тој начин ќе се испрати порака до граѓаните дека борбата против корупцијата не е само формална и насочена кон „ситните риби“, туку и кон функционерите, дека никој не е недопирлив.

За жал, кај нас нема ниту подготвеност, ниту храброст некој да се зафати со решавање на овие проблеми. На политичарите едноставно им одговара да се недопирливи за правдата, да можат слободно да крадат од државните пари и бесправно да се богатат, а кога ќе се смени власта, да бараат реципроцитет од противникот, по принципот – јас тебе не те чепкав, не ме чепкај ниту ти мене. На тој начин само се зголемува револтот кај граѓаните и се подига рејтингот на најрадикалните партии во државава. Знам дека моето писание имплицира радикална правда, но подобро и таква отколку никаква, затоа што карциномот се решава со ригорозна и инвазивна интервенција, доколку не е доцна.

Авторот е адвокат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот