Режисерката Ана Јакимска има потреба за поддршка на нејзиниот филм „Нема духови во туѓина“

Македонската режисерка Ана Јакимска е на магистерски студии за филмска режија на Универзитетот „Голдсмитс“ во Лондон. Во склоп на програмата, како завршен проект, има прилика да сними краток игран филм.

За таа цел учествувала на јавен пичинг и добила поддршка од 3.000 фунти, но за да го сними филмот во Лондон ѝ недостигаат уште најмалку 7.000 фунти.

За да ја надомести разликата и да собере доволно средства почнала со Кикстартер кампања. Кампањата е со ограничен рок и поддршката во овие моменти им е многу важна и може да направи разлика меѓу сѐ или ништо. Затоа Јакимска упати барање за поддршка и од домашната јавност.

Во кампањата за поддршка на филмот можете да се вклучите преку активниот линк: kck.st/3MzaV2P

Инаку, станува збор за краток игран филм од жанрот сатира/хорор со проектен наслов „Нема духови во туѓина“.

Според синопсисот на филмот, Кира е британска фотографка со македонско потекло која за првпат во животот патува во родното село на нејзините родители. Таа оди во Македонија за да ги фотографира жените во селото користејќи стар фотографски процес – проект кој треба да ѝ го донесе долго очекуваниот пробив на уметничката сцена во Лондон.

Набрзо, Кира дознава дека жените се плашат од нејзиниот фотоапарат, стравувајќи дека тој има моќ да им ја зароби душата. По ненадејната смрт на една од фотографираните жени, Кира станува свесна дека нејзините дејства имаат последици.

Иако филмот целосно ќе се снима во Англија и на него ќе работи меѓународна екипа, приказната е македонска и е инспирирана од македонскиот фолклор. Во филмот ќе се зборува на македонски и на англиски јазик.

– Развиениот свет сака да се идентификува себеси како спротивност на Истокот, кој по правило е див, непредвидлив и природен. Оваа романтизирана слика за Истокот постои со векови и лесно може да се падне во замката на продолжување на овој стереотип, особено за полесен пробив во индустријата која го очекува тоа од уметникот-имигрант. „Нема духови во туѓина“ има за цел да ја отвори темата за претставувањето на Истокот во уметноста на развиените земји, но и пошироко, за претставувачката моќ на филмот како уметност, воопшто – истакнува Ана Јакимска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот