Ревизорите со големи резерви во однос на вистинитоста и објективноста на извештаите за финансиското работење на Фондот за здравство

Големи резерви во однос на вистинитоста и објективноста на извештаите за финансиското работење на Фондот за здравство, изрази Државниот завод за ревизија по извршениот увид во работењето на Фондот во текот на 2021 година, напоменувајќи притоа дека и во однос на препораките дадени во извештајот за 2020 година, само три од нив се во тек на спроведување, три се делумно спроведени и девет препораки не се спроведени.

– Изразивме мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантна законска регулатива за 2021 година – се потенцира во извештајот.

Меѓу забележаните слабости во работењето на фондот се споменува тоа што од страна на граѓаните за време на пандемијата на ковид-19 биле дадени 19,9 милиони евра за ПЦР тестови кои завршиле во приватното здравство.

– Во услови на пандемија, поради необезбедување на повеќе термини во ЈЗУ и несклучени договори со ПЗУ за дијагностицирање на ковид-19, не се обезбедени доволно здравствени услуги за осигурениците на товар на Фондот – се додава во извештајот.

Утврдено е дека е застарена и амортизирана серверска структура и дека има недостиг на ИТ кадар и стратегија, што пак се потврди деновиве, со хакерскиот напад врз сајтот на ФЗО.
Ревизорите утврдиле слабости во спроведувањето на интерните и теренските контроли при потврдувањето на објективноста на фактурираните услуги.

– Ревизорите во извршената ревизија констатираат слабости во контролите при препишување и издавање лекови, непочитување на роковите при вршењето на контролите и изрекувањето на договорните казни, поради невоспоставени контроли исплатувани се надоместоци за боледување и кога осигурениците остварувале плата, како и слабости при утврдување и контрола на реализација на условен надоместок на ЈЗУ – велат од Државниот завод за ревизија.

Како клучни препораки ДЗР ги посочува воспоставувањето систем на планирање, следење и редовно вршење контрола на видот и обемот на извршените здравствени услуги и издадени рецепти.
Дел од препораките се и доуредувањето на постапката и воспоставување контроли при исплатата на надоместоците за боледување и зајакнување на контролите кај условниот надоместок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот