Ретроспективна изложба на Власта Делимар: Сопственото тело како медиум и содржина

Ретроспективната изложба „Четириесет години љубов кон уметноста на Власта Делимар“ на една од најпознатите хрватски уметнички со меѓународна репутација, Власта Делимар, како дел од програмските активности на организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“ и со кураторство на Ивана Васева, се одржа на 3 декември на плоштад „Македонија“ во Скопје.

Станува збор за прво претставување на Делимар во земјава и изложбата вклучи три видео перформанси: „Прошетка како Лејди Годива“, „Двајца мажи и една жена“ и видеоперформансот специјално подготвен за оваа изложба со наслов „Копнеж за Македонија“. Перформансите беа прикажани на голем видеоекран на плоштад „Македонија“.

– Присуството на нејзиното голо, природно, егзистенцијално, немирно, неразубавено и непоколебливо тело го потенцира неговото отсуство во земјава, но и постојано го потенцира отсуството на знаење за прифаќање на различноста, отсуството на сфаќање за другиот, па и за себе си, етикетирањето, неискрената врска со себе и скриените и потиснати предрасуди. Власта Делимар е бескомпромисна во она што го прави во текот на сите 40 години. Останала доследна и не потпаднала под никакви трендови. Во целата општествена промена, таа е единствената константа – за неа времињата не се менуваат – истакнува кураторката Ивана Васева во својот текст за изложбата.

Власта Делимар – Кога умре другарот Тито (1980)

Изложбата во Скопје е дел од серијата изложби „Четириесет години љубов кон уметноста на Власта Делимар“, со кои Делимар одбележува 40 години од својата уметничка работа преку изложбена турнеја низ градовите на поранешна Југославија каде што работела на почетоците на својата кариера, во доцните 70-ти и 80-ти години на минатиот век. Власта Делимар (1956 година, Загреб) е една од најпознатите и најзначајните уметници на денешнината. Таа е една од клучните фигури кои го дефинирале современиот перформанс низ призмата на сопственото тело како медиум и содржина – женското голо тело кое и во денешното општество, сè уште, не престанува да биде точка на контроверзии.

Филип Јовановски, Власта Делимар и Ивана Васева (Фото – архива)

Истражувајќи го во своето творештво феминитетот, женско-машките односи и стадиумите на животниот циклус – од младоста и желбата, преку партнерството и мајчинството, па сè до стареењето – во јавниот простор изнесува автобиографски наративи што го преиспитуваат разграничувањето помеѓу јавното и приватното и нормативите на политиката на идентитетот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 59, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот