Регулативата за „Бехтел и Енка“ овозможи ризикот од корупција да се озакони

Работници на коридорот 8/Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Како што јакне транспарентноста и како што таа ќе се подобрува на патот кон ЕУ, она што останува како простор е озаконување на привилегиите за одредени приватни интереси и затоа е многу важно да се заштити системот на носењето на одлуките, вели Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институтот за демократија.

Автопатиштата што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ сè уште се во најава, иако поминаа 4 месеци откако на наплатната станица Тетово – Гостивар, со монтажна бина, свечена церемонија и со многу гости, се означи поставувањето на камен-темелникот за Коридорот 8. Пред десетина дена имаше конкурс за клучните луѓе што би работеле на автопатот, а се одржа и саем за вработување во Гостивар, на кој се јавиле педесетина заинтересирани. Иако беше најавено дека таков саем ќе се одржи во повеќе градови засега и тој е во најава.

Институтот за демократија „Социетас цивилис“ ги посочи „Бехтел и Енка“ како пример за системски пропусти при носење одлуки, кои не би смееле да се повторуваат, затоа што се ризик да се озакони корупцијата.

– Како што јакне транспарентноста и како што таа ќе се подобрува на патот кон ЕУ, она што останува како простор е озаконување на привилегиите за одредени приватни интереси и затоа е многу важно да се заштити системот на носењето на одлуките. Конкретно, во носењето одлуки за „Бехтел и Енка“ гледаме непочитување на Законот за лобирање што овозможи потпишување меморандум за соработка, а потоа и на закон. Во Собранието не се разви јавна расправа, иако Деловникот тоа го овозможува, а самите трошоци, важноста на автопатиштата, бараат да има јавна дискусија и да се чујат различни експертски мислења. Искористен е механизмот на европско знаменце, иако деловнички тоа не смеел да го дозволи претседателот на Собранието, затоа што точно се знае во кои случаи тоа се прави. И финално, претседателот на државата не стави суспендивно вето – вели Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институтот за демократија.

Информациите во договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“ се прогласија за класифицирани, па практично јавноста и не знае за што е ставен потписот. Се донесе специјален наменски закон – Закон за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10 д. Се донесоа измени и во други закони – за работни односи, за експропријација, за градење, за урбанистичко планирање. За сите законски измени, во функција на специјалниот закон за „Бехтел и Енка“, имаше многу замерки од јавноста, а особено за можноста за 60-часовна работна недела.

Поповиќ потенцира дека предлог-законот за коридорите 8 и 10д, магично бил префрлен од Владата во Собранието.

– Имаме проблем во имплементација на механизмите за заштита на интегритетот при носење на одлуките, а немаме проблем во механизмите – рече Поповиќ.

Тој повика да се размислува за тоа судската власт да биде вклучена додека се носат одлуките.

– Во најмала рака пратениците можеа пред Управен суд да ги дадат случаите на кршења на закони, деловници и начинот на носењето на одлуки во врска со регулативата за градење на автопатиштата – вели Поповиќ.

Институтот ги покани и новинарите Фросина Димеска и Александар Димитриевски, кои особено внимание посветиле на компанијата што ќе го прави надзорот на автопатиштата.

Димеска потсети дека во конзорциумот „ИРД инженеринг“ покрај реномирана италијанска компанија, учествуваат и две домашни компании „Евроконсалтинг“ и „Електросолушн“.

– Спорно е што „Евроконсалтинг“ е во сопственост на Бранимир Димитриевиќ, кого тројца македонски дипломати го извлекоа од Ерменија. Нашето истражување покажа дека во Ерменија тој бил обвинет токму за надзор на голем автопат! – вели Димеска.

Новинарот Димитриевски, пак, го сподели искуството што им го пренела заинтересирана компанија за соработка со „Бехтел и Енка“.

– Газдата на компанијата ни рече: „Јас не можам да најдам каде има канцеларија „Бехтел и Енка“. На посочената адреса, практично нема таква канцеларија. Ако вие знаете, кажете ми“. И ние се „закачивме на јадица“ па баравме каде им е канцеларијата, но не ја најдовме. Постои некаква можност за заинтересирани компании да пратат имејл за соработка, но зарем конзорциум од такви рамки кој ќе работи на толкав проект, нема никаква канцеларија во државава?! – прашува Димитриевски.

Тој потсети дека „Електросолушн“ не ни имал лиценца за надзор на автопатиштата кога се објавил тендерот, а фирмата претходно работела со конфекција.

Во врска со надзорот што треба да се врши при градење на автопатиштата, беа посочени и низа други потенцијални ризици, а меѓу нив и дека експертите што се ангажирани за надзор, Јавното претпријатие за државни патишта ги ангажирало на повеќе проекти, па легитимно прашање што се постави на настанот е како тие ќе бидат на располагање 40 часа во текот на работната недела, како што било наведено во условите на тендерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот